Македонија
1. September 2019 - 16:16

Колкава плата земаат наставниците?

За колку пари работат наставниците? Просечната плата во секторот не е иста со таа што легнува на сметките на наставниците. Тие од основно образование имаат плата од 21.660 денари. Професор во средно работи за основна плата од 22.500 денари.

Оваа плата не ја добиваат приправниците. Тоа се младите наставници. Тие земаат по 20% помалку. Значи, во основно има наставници кои работат за нешто повеќе од 17.000 денари. Во средно за 18.000 денари.

Но, на овие суми се додава и одзема. Класен раководител добива плус 900 денари. Кај целодневната настава оваа сума ја делат двајцата наставници – значи добиваат по 450 денари.

Овие бројки се однесуваат само на наставници со полн фонд на часови. Од СОНК велат дека посебно во источна Македонија, заради партиските вработувања од една и масовното иселување од друга страна, во некои училишта има повеќе наставници од ученици. На наставниците кои немаат полн фонд на часови, за секој час што им недостига им се одземаат по 5% од платата. Голем број наставници пак, работат во повеќе училишта и патуваат десетици километри за да можат да земат основна плата.

Потрошувачката кошница за четиричлено семесјтво во јули изнесувала 32.653 денари. Значи, на наставник од основно му фалат 10.993 денари, а на професор во средно 10.153 денари за храна и  сметки.