Македонија
15. September 2019 - 16:45

Колевски: Замениците на Јанева најверојатно ќе се вратат во обвинителствата од каде преминаа во СЈО

Советот на јавни обвинители утре ќе одлучува за судбината на нивните колеги од специјалното јавно обвинителство.

По вчерашното разрешување на Катица Јанева поради незакоснко, нестручно и несовесно работење, претседателот на Советот на Јавни обвинители очекува замениците на специјалната обвинителка да се вратат во матичните обвинителства.

Опозицијата и денеска изрази подготвеност за договор за измените во законот за јавно обвинителство. За нив и натаму останува спорен трансферот на предметите на СЈО  во јавното обвинителство на Јовевски

Од СДСМ преку писмено соопштение велат дека ВМРО-ДПМНЕ врши притисок врз судството. Од таму додаваат дека во опозицијата ништо не се менува.

„Партијата се уште работи по инструкции од Будимпешта.  груевизмот зрачи.

Игор Јанушев, Христијан Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ се послушници на почесниот претседател во бегство Никола Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ освен што брани криминал, веќе и јавно кажува дека сака да биде контролор на обвинителството.

Со недели ВМРО-ДПМНЕ прави сериозен притисок врз судството и обвинителството. Им кажува што и како да прават, најавува контрола врз нив и најавува документи од истраги и ја загрозува постапката за „Рекет“ – велат од СДСМ

Власта и опозицијата заглавија во преговорите за законот за јавното обвинителство. По неуспешната лидерска средба и во двата табори се прават напори за приближување на ставовите.