Македонија
6. January 2019 - 19:16

Коледарите, бадниковата поворка и бадниковата софра, како превесници на христовото раѓање - Божиќ

Коледарчињата тропнаа на вратата од домот на семејството Иванови. Деца од Центарот за едукација на македонскиот фолклор беа гости на претседателот Иванов. Ја донесоа божиќната литија и со песната Вечниот бог го најавиа Хриството раѓање. Сопругата на македонскиот претседателот, Маја Иванова посака за сите православни христијани тивка и благословена бадникова вечер.

Божиќната песна Вечниот Бог денеска ја отпеаа над 10 илјади деца ширум државата. Во Скопје манифестацијата „Божиќни поворки“ почна пред црквата Св. Димитирија со божиќен концерт и театарска претстава. Поворката заврши во Соборниот храм.

По повод раѓањето Христово Божиќ, во честитка упатена до поглаварот на МПЦ – ОА, г.г Стефан, претседателот на државата Ѓорѓе Иванов порачува дека Божиќ е израз на божјата солидарност со луѓето.

„Христос ги рушеше човечките бариери што ги делеа луѓето на богати и сиромашни, слободни и неслободни, содавајќи духовно променети луѓе кои го менуваат духот на општеството. Нам во Република Македонија ни е неопходно обновување на духот на солидарноста и на социјалната правда“, пишува Иванов.

Честитка со порака за соживот и взаемна почит испрати и собранискиот спикер Талат Џафери.

„ Бидете среќни и задоволни, со сето она што го носи празничниот дух, јасни пораки за соживот и взаемна почит помеѓу сите, напредок и благосостојба за Вас почитувани граѓани и за модерна и европска Република Македонија“, порача Џафери.

Порака до поглаварот на МПЦ упати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во која пишува

„Да си спомнеме за сите оние граѓани кои овие празници ги дочекуваат со напластени проблеми, со неизвесност која преовладува и живот кој станува потежок. Несигурноста да биде замената со стабилност, да градиме иднина, да се избориме за подобар живот“, напиша Мицкоски во својата божиќна честитка.

Порака по повод празникот испрати и генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски кој вели дека е неопходно меѓусебно почитување како најзначајно за општеството.