Свет
20. March 2017 - 11:58

Кој всушност владее со Сирија

Јутарњи лист - Загреб

Поминаа речиси шест години откако во Сирија почна граѓанската војна, која со повремени примирја се уште трае. Според разни проценки од повеќе невладини организации, кои прилично варираат, во тој период биле убиени од 320.000 до 450.000 луѓе, а ранети се над два милиона луѓе.

Но, речиси сите се согласни дека околу 45 отсто од предвоената популација во Сирија која се движеше околу бројката од 23 милиони луѓе, во војната ги изгубија своите домови; тие луѓе побегнаа во другите делови во Сирија или побегнаа надвор од државата, најмногу од нив во Јордан и Турција, од каде еден дел отидоа и кон Западна Европа.

Откако силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад со помош на руското воздухопловство многу шиитски полиции во декември 2016 година го скршија отпорот на преостанатите бунтовнички групи во источно Алепо, кон крајот на годината со посредство на Турција, Иран и Русија беше договорено примирје меѓу силите на Асад и многу бунтовнички групи. Од тоа примирје, кое траеше до 14 февруари оваа година, кое потоа се прекина со низа напади, беа исклучени џихадистичките групи на Исламските држави и Фатах ал-Шам (поранешната ал-Нусра, своевремена подружница на Ал-Каеда во Сирија).

Истовремено, во светот се стекна впечаток дека со освојувањето на Алепо, Башар ал-Асад го расчисти својот пат кон конечната победа во војната и контролата над Сирија, посебно во контекст на намалувањето на моќта на Исламската држава, чија територија во Сирија и Ирак постојано се намалува. Но, дали тоа навистина е така?

Во голема репортажа која неодамна ја објави угледниот германски весник „Шпигел“, новинарот Фриц Шап и Тобијас Шнајдер откриваат каква е всушност состојбата во Сирија на подрачјата номинално под контрола на Асад.

Ограбен сервис за мотоцикли

На самиот почеток на репортажата новинарите не запознаваат со човек кој на улиците на Алепо денес продава кафе од автомат. Пред неколку недели се вратил во својата населба откако ја зазеле силите на Башар ал-Асад за да види што останало од неговиот сервис за поправка на мотоцикли.

Откако дошол до сервисот видел дека бравата е скршена, а внатре нашол вооружени мажи со ознака на паравоени чети верни на режимот на Асад, како земаат мотоцикл, неговиот германски алат и резервните делови од гаражата. Тој не се спротивставил бидејќи двајца од тие мажи му се заканиле со калашникови додека нивните „соборци” ги товарале работите во својот камион.

Додека мажот им зборувал на новинарите за судбината на својот сервис за мотоцикли, во меѓувреме дошле и други граѓани кои по ред почнале слични приказни како останале без своите работи кои ги украле припадниците на паравојската. Но, откако виделе двајца мажи со ознаки на Пустински соколи, една од двете најсилни шиитски милиции лојални на претседателот Асад, веднаш од страв престанале да зборат, пишуваат новинарите за „Шпигел“.

Тоа е вовед во приказната која објаснува како всушност режимот на Асад дошол во победничка позиција. За почеток, тука е помошта од Русија, која својата интервенција многу јавно ја рекламираа, а која главно се состоеше од воздушна поддршка, донација на оружје на сириската војска и шиитските полиции и слично.

Уште поголема улога имаше Иран под чија контрола на Асад му испрати тоа што му беше најпотребно - вооружени борци кои се приклучија на бројните шиитски милиции (според Чарлс Листер од Институтот за Блискиот исток, пред почетокот на интервенцијата во септември 2015 година Русите процениле дека официјалната Сириска војска има само 6000 борбено подготвени војници).

Клучот на успехот

Токму тие милиции (или паравоени формации) беа клучни за воениот успех на Асад, бидејќи најмногу му недостасуваа вооружени борци, поради што сириската војска спадна на регрутирање на луѓе од затворите. Додека при освојувањето на источен Алепо режимот на Асад во светот праќаше фотографии на сириски војници, најголем дел од борбата всушност ја поднесоа припадниците на милициите.

И како што полицијата беше неопходна, така и излезе од контрола. Покрај двете најмоќни групи, Пустинските соколи и Тигрите од Хама, тука се и стотици други вооружени групи кои во овој момент всушност владејат со големи делови на територии кои номинално се под контрола на Асад и сириската војска.

Неказнето ограбуваат, злоставуваат цивили, убиваат, а никој во тоа не може да ги спречи, дури ни Асад. Според новинарите на „Шпигел“, милициите се посилни од Башар ал-Асад, а нивните команданти се тие кои всушност владеат со Сирија.

Односот на силите

Ваквиот развој на состојбата и не е толку неочекуван со оглед на религискиот „однос на силите” во Сирија пред војната. Имено, Башар ал-Асад, како и неговиот покоен татко Хафез, својата позиција на моќ ја одржуваа пред се со поддршката и лојалноста на алавитите (шиитски муслимани со одредени специфични елементи во верата) на кои и самите припаѓаат. Но, тие и пред војната биле од 12 до 15 отсто од сириската популација. Мнозинството, околу 75 отсто од популацијата биле сунитските муслимани, додека христијани имало околу 8 отсто, а друзи 3 отсто. 

Иако демонстрантите во почетокот на бунтот против Асад бараа поправедна распределба на богатството и поголема демократија во општеството, како што демонстрациите се претворија во вооружен бунт, а потоа и во отворена војна, на површина излегоа религиските поделби во кои мнозинството сунити и малцинството шиити стоеја на спротивните страни.

И како што војната продолжуваше така позицијата на Асад беше потешка поради фактот дека многу луѓе ја напуштија војската, а тие кои му останаа верни гинеа во тешките борби. Поради тоа, за да ги спаси своите регуларни формации, Асад дозволи на лојалните вооружени борци да формираат сопствени милиции.

Шверцери и криминалци

Во многу случаи, водачите на шверцерските и криминалните банди станаа локални шерифи, кои во замена за лојалноста кон Асад непречено можеа да го прошируваат своето деловно, всушност криминално царство без никој да ги спречува. Двете најголеми милиции, Пустинските соколи со база во градот Латакија и Тигрите од Хама, секоја имаат од 3.000 до 6.000 вооружени борци, а освен нив тука се и стотици помали прорежимски милиции.

Како што тоа бива во воена состојба, тие паравоени формации го капитализираа недостигот на леб, лекови и бензин – групи кои ги контролираат тие добра на нив добро заработуваат, што им овозможува да купуваат уште повеќе оружје и да наоѓаат нови борци. Директна последица од тоа е состојба во која т.н. господари на војната го заменија целиот државен безбедносен апарат во цели региони и градови.

Поголеми плати

За разлика од сириската војска на која хронично и недостасуваат нови регрути, борците се приклучуваат на милициите своеволно, што не е чудно ако се земе предвид дека кај нив имаат и до три пати поголеми плати од што имаат редовните војници, а покрај тоа им е пружена и многу поголема слобода. Меѓу другото, можат да измислуваат и да собираат данок на контролните пунктови, да продаваат дрога по сопствена цена, да шверцуваат бензин или едноставно да ограбуваат по покорените градови и села.

Еден од тие градови во Сирија е Хама, град кој во 1982 година бил жариште на бунтот на Муслиманското братство против Хафез ал-Асад, кој за само три недели, според проценката на британскиот новинар Роберт Фиск, убил 20.000 лица. Во текот на актуелната граѓанска војна во Хама беа основани Тигрите, а нивните основачи беа службеници од разузнавачката служба на вооружени сили (кои беа страв и трепет во државата), локални племенски водачи и криминалци. Во текот на 2011 година тие беа клучен фактор во задушување на бунтот во провинцијата Хама, а денес имаат вистинска мрежа на бази во цела Сирија.

Двајца најважни луѓе

Двајцата најважни команданти на таа паравоена формација се познатиот криминалец Али Шели и извесен Талал Дакак, за кој се зборува дека своите противници ги фрла на лавовите кои ги чува како миленици. Тие двајца стојат зад многу киднапирања, кражби, шверц на нафта и бензин кои ги продаваат на злогласаната ИД, сунитска терористичка организација која треба да биде нивен природен непријател и против кој силите на Асад официјално се борат.

Така е забележан случај од летото минатата година во кој припадниците на редовната сириска војска пресретнале неколку цистерни полни со бензин кои биле наменет за трупите на ИД, но кои не ги конфискувале од страв од одмазда на Дакак. На крај цистерните биле предадени на локалниот огранок на разузнавачките служби на воздухопловните сили, блиску поврзани со Тигрите, а потоа го продолжиле својот оригинален пат.

Впрочем, Асад не е во позиција да им се спротивстави. Од една страна зависи од нивните борци на првата линија на фронтот, од друга страна милициите се премногу силни и премногу богати. Кога во февруари оваа година во Алепо итно требало да се донесе нова пратка на лекови, шиитските милиции кои го контролираат единствениот пат кон градот и тука збираат данок, ги конфискувале лековите наменети за градот, а подоцна ги продавале по многу повисока цена.

Дури, според податоците на сириските воено-разузнавачки служби Али Шели во 2015 година продавал оружје на бунтовниците во Алепо, на истите тие против кои се бореле неговите сопствени формации, а да не се спомнува официјалната војска на режимот на Асад (сириската воено-разузнавачка служба е во голем судир со разузнавачката служба на военото воздухопловство, која како што е речено е во добри односи со Тигрите).

Само профит

Ако може да се заработи, за овие милиции не постојат пријатели и непријатели, само профит. А тие луѓе се главен фактор во борбата на Асад против бунтовниците.

Од време на време војската или воено-разузнавачката служба се обиделе да ја намалат моќта на локалните господари на војната, но нивните акции секогаш завршувале со фијаско. Кога во март минатата година единиците на Асад го уапсиле водачот на христијанската милиција биле принудени да го ослободат по насилните протести на неговите поддржувачи. На новинарите на „Шпигел“ дури и министерот за помирување во Дамаск им признал дека режимот има проблеми со милициите, но дека немаат моќ да ги решат.

Покрај Тигрите, втора најголема милиција се наведените Пустински соколи со база во Латакија, крајбрежен град во самото срце на алавитскиот дел на државата. Нивен командант е Мохамед Џабер кој новинарите дури и ги пренел преку едно село до своите складишта на оружје во кое меѓу другото има и стари советски тенковиТ-72, осум такви тенкови се сместени таму покрај друга разна тешка артилерија.

Во нивните редови се борат млади луѓе од кои некои имаат само 15 години, а многу од нив неодамна се вратиле од боиштето во Алепо. Самиот Џабер времето го поминува во својот луксузно уреден станбен комплекс со поглед на пристаништето во Латакија.

Црни овци

Откако еден час поминал фалејќи се со воените успеси на својата милиција, Џабер конечно признал дека неговите борци ги ограбуваат освоените градови и села, но само во ретки случаи. Вели, секој има црни овци.

- Ние сме голема група. Некои се добри, а некои лоши. Но, најважно е дека сите се борат за нашата земја. Полициите во Хама, тие се криминалци, ограбувачи и убијци, изјави Џабер во јасна алузија на Тигрите, најголеми ривали на Пустинските соколи.

Дури, двете паравоени формации во март минатата година, во текот на битката за Палмира, меѓусебно пукале една на друга поради што во Дамаск била пратена висока воена делегација за да ја смири состојбата. Од тој момент генералите на Асад двете групи ги држат на одвоени фронтови.

Услугите на цена

Мохамед Џабер, инаку има долга и живописна кариера на шверцување на нафта, која во 1990 година ја доставувал од Ирак и на тоа се збогатил со својот брат, потоа милиони инвестирале во индустријата за челик. Кога во 2011 година почна војната и кога настапија санкциите, режимот веднаш ги побара нивните шверцерски услуги, во тој момент на многу висока цена.

За да ги заштитат конвоите кои возеле преку пустината, браќата Џабер ангажирале стотици поранешни војници, но и криминалци – конечно, Асад во 2013 година потпиша закон со кој на приватните претприемачи им дозволи да имаат сопствени сили за „одржување на безбедноста”, со што од клептократи де факто создаде господари на војната.

Џабер, додуша, тврди дека ни моќта, ни парите не го интересираат бидејќи ги има и двете. Тој само сака да му помогне на Асад и вели дека ќе го положи оружјето откако војната ќе заврши. Па сепак, додава; Кога би ни било дозволено, би можеле да контролираме 60 отсто од земјата!

Русите

И додека Асад не може да направи ништо по ова прашање, Русите имаат многу прагматичен пристап - кога им треба некој локален господар на војната, тогаш му делат оружје, медали и селфи со руските војници. Приватно, руските генерали се ужаснати од состојбата на теренот и од целосниот хаос кој владее меѓу милициите.

Дека милициите нема да запрат само на криминалот, покажува и податокот дека на изборите во 2016 година, какви и да се, во Парламентот влегоа голем број на кандидати поврзани со командантите на паравоените групи - што со закани, што со мито. Бидејќи тие избори не ја покажуваат волјата на народот, туку моќта на тој кој сака да се одберат одредени кандидати.

Во западните медиуми Асад често се прикажува како ужасен диктатор одговорен за смртта на илјадници „свои” граѓани и таа репутација во еден дел е заслужена. Но, колку и да е Асад ужасен, тој беше единствен привид на авторитет во Сирија. Се чини дека и тоа беше само илузија.