Македонија
10. December 2017 - 14:26

Кој ќе ви плати отштета ако ве касне куче скитник?

Град Скопје и „Kомунална хигиена“ исплаќаат отштета на граѓани што биле каснати од улични кучиња и кои потоа тужеле на суд и добиле надомест на штета. Во октомври годинава 300 граѓани побарале да се вакцинираат на Инфективната клиника поради истата причина.

Во главниот град честа е појавата на напад на кучиња скитници.Завчера расно куче напуштено од својот сопственик касна две жени и четири деца.

Според пријавата првиот напад е на 40-годишна жена на булевар АСНОМ која кучето ја касналот во пределот на ногата. Вториот случај е 11-годишно девојче кое е каснато на булеварот „Јане Сандандски” во пределот на левото рамо и лева надлактица.

Третото дете кое било нападнато и каснато од кучето во подколеницата на десната нога е 13 годишно момче на булеварот АСНОМ. На АСНОМ исто така е и четртиот случај во кој е каснато 14-годишно момче во пределот на подколениците на двете нозе.

Со повреди се здобила и 44-годишна жена која заедно со своето дете и уште две други малолетни деца се движеле по булеварот АСНОМ. Според пријавата во полицијата кучето агресивно ги нападнало, жената во обид да ги одбрани била касната во левата рака, а едно од децата на возраст од 10 години било каснато во десната нога под коленицата.

Кучето вчера беше заловено во Ново Лисиче и процесирано во стационарот Вардариште.

Триесет и шест годишната З.Р. и нејзиниот 6 годишен син вчера околу 14:30 часот биле нападнати и искасани од куче на улицата „Перо Наков” во Скопје.

Детето било искасано од кучето во пределот на левата рака при што му биле нанесени видливи повреди, додека мајката бил искасана во левата нога со нанесени гризнатини и крварење.

Дневно во просек во Скопје се уловуваат од 120 до 170 кучиња скитници, дел од нив повторно се враќаат на улица, дел се евтанизираат, а дел завршуваат во домовите на скопјани. Кучињата што и по две недели нема никој да ги удоми, се враќаат на местото од каде што се уловени.

Од ЈП „Комунална хигиена” велат дека откако граѓанин ќе пријави кај нив дека е каснат од куче скитник, службите веднаш излегуваат на терен за да го најдат кучето и да проверат дали има беснило.

За каснувањето, граѓанинот може да бара отштета која ЈП „Комунална хигиена” и Градот Скопје солидарно ја делат.Доколку случајот дојде на суд, практиката покажува дека граѓанинот за претрпени физички болки може да добие отштета од 35.000 денари, за претрпен страв 30.000 денари, за претрпени душевни болки поради намалена животна активност износ од 20.000 денари и за нагрденост износ од 5.000 денари или вкупен износ од 90.000 денари.

 

извор: (скопјеинфо)