Бизнис
14. August 2019 - 16:27

Кој ќе испорачува топлинска енергија од следната грејна сезона?

Град Скопје очекува дистрибуцијата на топлинска енергија од компанијата ДТБЕ фирма ќерка на БЕГ ,  да ја преземе на средина на новата грејна сезона. Лиценцата за вршење на функцијата од РКЕ  треба да ја добијат до крајот на годинава. Иако Владата одлучи дитрибутивната топловодната мрежа да се даде на трајно користење на Градот, поради останатите административни процедури Град  Скопје дејноста не може да почне да ја врши од 15 октомври, кога стартува новата грејна сезона.

Одлуката која ја донесе Владата на седница деновиве треба да биде објавена во Службен весник на РСМ, со што истата ќе стане официјална. Со оваа одлука на Град Скопје на трајно користење е дадена дистрибутивната топловодна мрежа на територијата на општините Карпош, Центар, Кисела Вода, Аеродром, Чаир, Бутел, како и дел од Автокоманда. Градот очекува по реализацијата на административните постапки на примопредавањето, да се потпишат договори и заведување на корисничкото право во јавната книга на недвижности (Катастар), и акционерското друштво Градски Енергетски Системи (ГЕС) да поднесе барање за лиценца до Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија. Градот Скопје и ГЕС работат на што е можно побрзо завршување на сите административни постапки и добивање на лиценца и започнување на вршење на дистрибуција на топлинска енергија, се вели во дописот на Град Скопје.

Од компанијата -  Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, која всушност во моментов ја врши дистрибуцијата на топлинска енергија велат дека лиценцата која им е доделена  за оваа намена  е со важност од 35 години односно до 2047.   

Дистрибуција на топлина  Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, успешно ги привршува подготовките за престојната грејна сезона, компанијата ќе обезбеди сигурен почеток  и реализација на грејната сезона и доследно  ќе ги извршува обврските од лиценцата за целиот период на нејзиното важење до 2047 година, се вели во реакциата на компанијата.

За да може да ја врши дистрибуцијата,  Градот Скопје формираше и свое претпријатие Градски енергетски системи  ГЕС со основачки влог од 250 илјади евра.