Македонија
14. May 2021 - 16:33

Кој ќе биде втор човек во СДСМ по конгресот во недела?

На два дена од Конгресот на кој СДСМ ќе одлучува за клучните позиции во партијата официјално молк меѓу социјалдемократите за тоа какви промени можат да се очекуваат откако лидерското столче го задржува Зоран Заев, но кадри од најтесното раководство меѓу кои и неговата заменичка Шеќеринска се откажуваат од функции.

Добро упатени извори коментираат дека заменик-претседателското место веројатно ќе му биде понудено на министерот Венко Филипче. Тој за Сител ниту ги потврдува, ниту ги демантира ваквите информации, но вели дека им верува на лидерските пособности на Заев.

За оваа позиција, во јавноста се шпекулира и директорката на УЈП Сања Лукаревска, но таа засега е без коментар за партиските случувања. Во јавноста за заменичко или потпретседателско место се споменува и името на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Извори коментираат дека промени ќе има и во потпретседателските места, но дел од актуелните потпретседатели ќе си останат на позицијата. Пример, сигурна е позицијата на Оливер Спасовски. Љупчо Николовски, според изворите, останува генерален секретар.

Најмногу измени се очекуваат во Централниот одбор каде Заев би ставил свои луѓе од доверба.

Социјалдемократскиот сојуз во недела ќе го одржи 26 партиски конгрес кој ќе биде дигитален, а во партиското седиште ќе биде само раковдството на СДСМ.  Од СДСМ велат дека на конгресот ќе се покаже и единството во партијата.