Македонија
25. February 2019 - 16:05

Кој го спаси Вељаноски, владините коалициони партнери во меѓусебни обвинувања

Коалиционите партнери од власта меѓусебно се обвинуваат за соработка со опозицијата по вчерашниот неуспех на Собранието да му го одземе имунитетот на поранешниот спикер Трајко Вељаноски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, прстот го впери директно во Џафери образложувајќи дека откажувањето на двете пленарни седници денеска се должи на фактот дека нема услови за работа во Собранието

Џафери експресно го испорача својот одговор. Причините за прекинот на седницата ги лоцираше во лошата координација на партиите и недоличното однесување на пратнеикот Мухамед Зекири

ДУИ застана зад Џафери. Од партијата го обвинија својот коалиционен партнер СДСМ за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, но тоа, како што рече Груби не треба да претставува пречка за нормално функционирање на владината коалиција, бидејќи како што рече, пред владата стојат серија реформски закони.

Пратениците од СДСМ велат дека ваквиот став на ДУИ е само обид партијата да врати дел од рејтингот кој го загубила поради како што велат, проблемот кој го креирал Џафери.
Партискиот потпретседател вели дека на Бихаќка ќе следи средба на раководството на која ќе се одлучи, дали пратеничката група на СДСМ ќе бара Џафери да го отстапи претседателското столче во Собранието

За албанскиот опозициски блок, вчерашниот ден во Собранието е само доказ дека постои договор меѓу власта и ВМРО-ДПМНЕ кој според нив треба да ја закопа правдата во Македонија.

Собранието вчера не успеа да донесе одлука по барањето на Судот за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски откако на полноќ измина рокот во кој законот ги обврзува да го завршат процесот.  Претходно, Комисијата за мандатни прашања по жестока дебата гласаше нерешно, откако во последен момент ненадејно се влоши здравствената стостојба на пратеникот на ДУИ, Агим Шаќири кој не можеше да гласа бидејќи беше одведен во болница.