Македонија
25. July 2022 - 21:16

Кој ги предизвикува пожарите - Македонија гори и покрај забраната за движење во шуми

Човечки фактор се уште е најголема причина за шумските пожари во земјава, иако ситуацијата е поинаква од лани кога над 90 отсто од катастрофалните пожари беа предизвикани од човек и тоа преку намерно потпалување, велат надлежните.

Веќе еден месец е прогласена делумна забрана за движење во шумите што се под надлежност на јавното претпријатие Национални шуми, па граѓаните без дозвола не можат да се движат во овие региони во периодот од 6 часот наутро до 20 часот навечер. Поголемата евиденција  за тоа кој влегува и кој излегува од шумите дава резултат, вели директорот Валентин Груевски.

И полицискиот синдикат, чии членови – полицајци се вклучени во превентивната програма на министерството за внатрешни работи, велат годинешниве пожари засега се резултати на високите температури.

Апелите од институциите и од оние кои ги креираат политките можат да помогнат во превенцијата. Пратеничката на ЛДП Моника Зајкова веќе го стори тоа преку Фејсбук.

Во меѓувреме, граѓаните од градовите кои немаат противпожарни служби почнаа да се самоорганизираат. Такво е доброволното друштво Пехчевски пожарникари кои веќе помагаат во гасењето на пожарите во малешевијата.

Лани, во кризниот период од јуни до септември се случија дури 142 шумски пожари што зафатија 11.420 хектари шума. Штетата беше проценета на 37,6 милиони евра. Ланските пожари беа најголеми изминатава деценија, а се заканија и на неколку градови и населени места.