Свет
21. January 2016 - 8:55

Кој е најдобриот пријател на Обама

Политика - Белград

Во потрага по гласови, демократите, а посебно Хилари Клинтон, се обидуваат да се претстават како големи почитувачи на се што направи сегашниот претседател. Во последната ТВ дебата пред првите партиски избори, двата најсилни претседателски кандидати од Демократската партија дадоа се од себе да се прикажат како големи пријатели и поддржувачи на човекот кој би го наследиле. 

Хилари Клинтон и Берни Сендерс го искористија ТВ дуелот во неделата навечер меѓусебно жестоко да се нападнат, но и да истакнат колку ја почитуваат личноста и делото на Барак Обама. Во тоа прва беше поранешната државна секретарка која сакаше да ги привлече гласовите на Афроамериканците, но и други гласачи на Обама кои поминуваат на Сендерсовата страна.

Ова е прва дебата во чиј тек сенаторот од Вермонт и поранешната прва дама жестоко се расправаа, пренесе Си-Ен-Ен. Во текот на претходните средби, нивните вербални мачеви пред се беа свртени кон републиканците, е не кон противниците од сопствените редови. Меѓутоа, фронтот е отворен откако на почетокот на оваа година покажа дека сенаторовата популарност расте во првите држави во кои се гласа идниот месец – Ајова и Њу Хемпшир.

Хилари Клинтон го обвини сенаторот дека ја поддржувал индустријата за оружје, што би требало да е ерес за секој демократ, како и дека во предлозите за новата реформа на здравственото осигурување го подрушува „Обамакеар‟. Предупреди дека Сендерсовите планови само одат на рака на републиканците како и дека не треба повторно да се почнува од нула кога Конгресот еднаш веќе усвои закон кој според Клинтон, покрил 19 милиони луѓе, иако бројката на „Њујорк тајмс‟ укажува дека тој број е околу 17 милиони. Тоа беше уште еден нејзин обид да го прикаже ривалот како ексцентричен левичар кој не ги поддржа дури ни многу либералните програми на Обама. Сенаторот одговори потсетувајќи дека и по „Обамакеар‟ 29 милиони луѓе останаа без право на лечење, како и тоа дека неговиот план е подобар од планот на Обама бидејќи ќе ги обезбеди сите граѓани на САД. Истакна дека шефот на Белата куќа му е пријател и дека заедно работеле на наведените подобрувања во здравството. Кандидатите до сега премногу не се интересираа за Обаминото наследство. Овој пат тоа беше посебно важно бидејќи дебатата се одржуваше во Јужна Каролина, држава во која претседателот ужива голема поддршка, посебно меѓу тамошната црна заедница, на чии гласови смета и Клинтон. Победата во држава во која бел супремационист ова лето во една црква уби 9 црни парохијани, може на поранешната сенаторка да и ја врати самодовербата ако биде поразена во гласачките места во Ајова и во Њу Хемпшир.

Според најновото истражување на јавното мнение кое го направија Ен-Би-Си и „Волстрит џорнал‟, во цела земја ја поддржуваат 59 отсто гласачи. Сендерс ја следи со 34 отсто. Меѓутоа, сенаторот води во Њу Хемпшир и со само четири отсто заостанува зад неа во Ајова, јавува информативниот сајт „Вокс‟. Се е полесно да се замисли сценарио во кое тој победува во двете држави иако таа од почетокот на кампањата важеше за јасен фаворит. Аналитичарите и корисниците на социјалните мрежи сметаат дека сенаторот однел победа во текот на дуелот, иако на неа и се наклонети многу медиуми и таа не смета дека ја изгубила битката на бината.

Повеќе и се верува кога станува збор за националната безбедност и надворешната политика, иако сенаторот постојано потсетува на нејзините катастрофални одлуки како што беше гласањето за инвазија на Ирак. Иако го критикуваше Обама поради недоволно акции во Сирија, го пофали неговиот ангажман на Блискиот исток додавајќи дека нејзиниот тим има план за крај на војната во Сирија и уништување на Исламската држава. Нејзиниот партиски ривал на тоа одговори дека опасно е да се праќаат Американците во „сирискиот жив песок‟. Сендерсовиот најсилен терен е неговото доследно инсистирање на прашања за нееднаквоста и влијанието на Волстрит на политичарите.

Тој повтори дека од банките, кои придонесоа за кризата во 2008 година и кои се виновни за порастот на нееднаквоста, никогаш не добил ниту еден долар, додека таа заработила милиони држејќи говори пред вработените во финансиската индустрија. Американските медиуми истакнуваат дека е точно дека Волстрит не донира пари за кампањата на Сендерс, додека Ситигруп, Голдман Саксј, Морган Стенли и Џеј Пи Морган ја поддржуваат кампањата на Клинтон од почетокот на нејзината политичка кариера.

Сендерс одби да полемизира за сексуалните афери на Бил Клинтон, но на инсистирање на водителот сепак многу кратко мораше да истакне дека однесувањето на поранешниот шеф на државата било „за осуда‟. На прашањето дали би примала официјални и неофицијални совети од својот сопруг, Клинтон рече дека советувањето „би почнало на маса за вечера, па ќе видиме каде ќе не однесе тоа‟, што би можело да значи и некоја формална функција за поранешниот шеф на Белата куќа.