Македонија
12. September 2017 - 16:10

Кој е мотивот белиот лекарски мантил да се замени со политичко одело?

На 15 октомври струмичани ќе кажат на кој лекар повеќе му веруваат – На интернистот или на оралниот хирург.

Марјан Бајрактаров веќе промовиран за кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и Коста Јаневски актуелен пратеник и неофицијален избор на СДСМ.

И двајцата лекарската професија одлучија да ја заменат со решавање на локалните проблеми на струмичани. Но не се единствените кои  политиката ја ставаат пред Хипократовата заклетва.

Меѓу претендените за градоначалничката фотеља во Прилеп, Валандово и Гостивар има невролози, кардиолози и гинеколози. Вреди ли долгогодишното образование, дипломи и титули да ги заменат со политичка кариера?

-Оние здруженија и комори се секогаш во функција на власт и лекарите, очигледно бидејќи нема со кого да соработуваат и кој да ги заштитува бараат поддершка кај политичарите. Но тоа не вреди, кога ќе помине сликањето и популарноста ќе треба да се соочат со реалните проблеми во нивните општини и тогаш ќе сватат дека не се за таа работа, вели Наум Трпеновски, очен хирург

Овој тренд според експертите е повеќе присутен во градовите од внатрешноста. Засега немало лекар градоначалник на Скопје.  Дали во прашање се финансиските причини, или пак партиите ја користат нивната популарност кај народот за да освојат повеќе гласови.

-Токму така, ова е феномен на нашата политичка сцена, вели Петар Арсовски, политички аналитичар.

Дека многу не се размислуваат за политичкиот ангажман е и примерот со актуелниот министер за здравство кој ќе се бори за прв човек на Гостивар. Таравари залетан влезе во кабинетот со најави за бројни здравствени реформи, но само по два месеци одлучи битката да ја води на локално ниво.

Покрај оние кои сакаат да се пробаат како политичари, има и примери на лекари кои иако биле избрани за пратеници се откажале од тоа во интерес на професијата.