Бизнис
17. May 2019 - 16:20

Кога ќе профункционира електронската наплата на патарините?

Иако беше предвидено за минатата година, електронската наплата на патирините долж коридорот 10 ќе почне во почетокот на јуни. За коридорот 8, пак, ќе се почека до крајот на годината, бидејќи треба да се инсталираат софтверот и читачите на картичките. За 20 дена отсега би требало во употреба да биде пуштена патарината кај Гевгелија, а онаа на автопатот Демир Капија – Смоквица допрва ќе треба да се гради.

На некоја од следните владини седници се очекува да се одобрат електронските картички кои во себе ќе содржат бонус, но и ценовникот за патарината кај Гевгелија.

Според најавите на надлежните, кога ќе почне новиот систем за плаќање постепено ќе се намалува човечкиот фактор во работата на патарините.

ЈПДП во првиот квартал од годинава наплатило 7,7 милиони евра од патарините, што е зголемување за 6,2 отсто во споредба со првото тримесечје лани.

Лани претпријатието инкасирало 40,5 милиони евра од наплатата на патарините, што е за 5 проценти повеќе од 2017. година.

Иако за една година се зголемиле приходите од наплатата на автопатите, според ланскиот план на ЈПДП, очекувањата биле дека ќе се соберат околу 4 милиони евра повеќе.