Македонија
15. December 2020 - 16:44

Кога интерпелацијата за Димитров ќе се најде пред пратениците?

Интерпелацијата на министерот за евроинтеграции Никола Димитров опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поднесе до крајот на оваа недела, најавуваат од пратеничката група. Клучната теза ќе биде улогата на Димитров во разговорите со Бугарија и неуспехот во евроинтеграциите, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Но, она во што се сомнева опозицијата е дека власта ќе тактизира со точката на дневен ред како што се случило минатиот состав со интерпелацијата на тогашниот министер за култура Алаѓозовски.

Од друга страна од власта велат дека не бегаат од седница на која ќе се приспитува работата на Димитров.

Димитров по најавата на ВМРО-ДПМНЕ за интерпелација на Фејсбук напиша дека ова е очајнички обид на опозицијата да предизвика раскол во Владата. 

„Интерпелацијата со која што ми се заканија денеска, во период кога државата е соочена со сериозни предизвици, а јас лично сум мета на напади од разни центри што директно се борат против македонските интереси, всушност само помага  самите тие да се нацртаат во графата каде суштински припаѓаат - рамо до рамо токму со тие центри, како тотални политички и државни деструктивци, изгубени и прегазени од чекорот на времето и процесите што им се одвиваат пред нос, додека тие во своите антимакедонски лаборатории го создаваат она од што и самите се изградени - интриги, завери, лаги и конструкции“, пишува министерот.

За опозицијата недозволив е ваков одговор од Димитров бидејќи министер не може да се поистоветува со држава, а и секогаш треба да е подготовен да одговара пред пратениците.

Според Деловникот, по поднесувањето на интерпелацијата министерот има право на одговор во рок од 15 дена. По истекот од нови 15 дена од одговорот собранискиот спикер треба да ја стави интерпелацијата на седница. Претресот по интерпелацијата трае еден работен ден и завршува со гласање најдоцна до полноќ.

Ова ќе биде втора интерпелација која Димитров ќе ја добие од ВМРО-ДПМНЕ. Првата беше во претходниот парламентарен состав и тогаш тој ја доби довербата од власта.