Балкан
3. February 2016 - 10:12

Кога БиХ ќе го забрани пушењето на јавни места

Во чекор со политичките евроинтеграции, здравствените експерти и невладиниот сектор најавуваат и друг вид на приближување на европските стандарди. Тој кој се однесува на забраната на пушење на јавни места и едукација за штетноста од таа навика. 

Во тоа ги поддржуваат Светска банка и Владата на Швајцарија. 
„Повеќе од 40 маси, а пепелник на секоја маса. Речиси и да нема празни. Целосната забрана за пушење во јавен простор значително би ја сменила оваа слика‟ - известува од Сараево Лана Јашарспахиќ-Кнежевиќ.

„Тоа посебно ќе се одрази во објекти какви што сме ние, кафе барови, каде наша основна дејност е кафе и пијалоци. Но, за сето тоа, секако имаат решенија, ние работиме на тоа да се оградиме и да направиме непушачки дел. Секако, нешто што естетски ќе биде прифатливо‟ - вели Недим Тасламан, директор на еден угостителски објект.

Босна и Херцеговина речиси традиционално е препознатлива по ритуалите на пиење кафе со цигара. Дружењето без тоа не може да се замисли.

„Па со оглед на тоа дека јас сакам да запалам со кафе, јас сум против одлуката за забрана за пушење цигари или пушење во кафулињата‟ - вели жител на Сараево Мирза Хасановиќ.

Но, се се погласни и тие кои мислат поинаку.
„Ми пречи, често понекогаш ме задушува. Ви сакала да бидат одвоени пушачите од непушачите, бидејќи тоа е штетно по здравјето. Не знам зошто луѓето пушат, кога гледаат дека на цигарите пишува – пушењето убива‟.

Секое второ лице во БиХ пуши

Според последното истражување на федералниот Завод за јавно здравство, во кое учествувале 4.000 испитаници, дури 44 отсто од нив се пушачи.

Тоа значи дека на просторот на Федерацијата БиХ речиси секое второ лице активно конзумира тутунски производи, наспроти постојаниот раст на цените.

Во просек пушат до кутија цигари на ден. Претворено во пари, просечно 1,5 евра дневно одат во дим.

Ситница, ќе се бранат уживателите, во споредба со европските цени, каде на пример, Британец ќе издвои 11 евра дневно, додека во соседна Хрватска околу 3 евра за кутија цигари.

Во западните земји, зголемувањето на цената би довело до пад на бројот на пушачите. Експертите сметаат дека тоа на нив им дава ветер во грбот, бидејќи луѓето често повеќе се загрижени за паричникот отколку за здравјето.

А токму со здравјето ја плаќаат цената на штетната навика. Пушењето често предизвикува многу хронични и смртоносни болести. И тоа не само кај тие што пушат, туку и кај луѓе кои се изложени на дим.

Законот е недоречен и двосмислен

Законот за делумна забрана за пушењето пропишува одвоени простории, но веќе 18 години речиси не се спроведува.

„Дадени се прекршочни налози, дадени се решенија за отстранување на недостатоците. Многу мал број на луѓе ги испочитуваа тие наши решенија, прекршочните налози не се процесуирани или еден мал дел од нив е процесуиран. Законот е недоречен. Двосмислен. Значи не е јасно дефиниран‟ - објаснува Сенада Хаџијусуфовиќ, специјалист по хигиена - здравствена екологија.

„Ние немаме многу алтернативи. Ние само со цел за стандардизација, со добра регионална пракса, треба и мора да размислуваме за целосна забрана за пушење во затворени јавни простории‟ - вели Аида Рамиќ Чатак, координаторка за контрола на цигарите. Носителите на кампањата Ми Пречи, најавуваат остра борба, чија цел е намалување на бројот на пушачите и простории без чад.

Колку ќе успеат против длабоко всадената традиција и навиките на граѓаните ќе се види за две години, кога треба да се подготви нов, построг закон.