Џет-Сет
27. March 2016 - 14:40

Кое е црномурестото македонско девојче од Прилеп со филмска кариера

Половина Афроамериканка, половина прилепчанка, младата актерка и манекенка Сарита Бредли живее и работи во Германија, поточно, во Минхен и каде и да оди ја промовира Македонија. Неодамна Сарита имаше мала, но значајна улога во новиот филм на режисерот Оливер Стоун, „Snowden“ (Сноуден). Таа била еден од ретките актери на сетот кои имале можност да се запознаат одблиску со славниот холивудски режисер и да разговараат токму на темата: Македонија. Имено, режисерот се заинтересирал да ја запознае кога слушнал дека на сетот има Македонка...(Стоун во 2004 година го сними филмот „Александар Велики“, н.з.)Којзнае колку бил изненаден кога ја здогледал црномурестата Сарита?!

Оливер Стоун и црномурестата Македонка

Сарита БредлиДеновиве Сарита Бредли е во Скопје, а потоа заминува во родниот град на мајка си, Прилеп, каде што роднините со нетрпение ја очекуваат. Вели дека тука и се допаѓа буквално се, но најмногу ја сака големата порта на вратата од дедо и во Прилеп, како и стариот двор кој, за жал, неодамна го поплочиле па за неа ја изгубил старата драж. Често доаѓа во Македонија и како што вели, каде и да оди се претставува како Македонка. Токму така се претставила и за време на снимањето на филмот „Сноуден“ поради што била еден од ретките актери кои имале можност да зборуваат со големиот Оливер Стоун на теми кои немаат многу врска ниту со филмот за Сноуден, ниту со актерството, туку со актуелната ситуација во Македонија. Стоун го интересирало каква е политичката и социјалната клима во земјава и кој раководи со државата и бил воодушевен од податокот дека Сарита има македонско потекло.

За неа, пак, иако станува збор за малечка улога, оваа можност да работи, да се запознае и да разговара со еден режисер од ваков калибар е навистина важна.

Нижење тутун на франкфуртски балкон

Сарита е родена во Франкфурт од мајка прилепчанка и татко афроамериканец од Северна Каролина. Вели дека иако во Германија живеат многу луѓе од мешани бракови, нејзината комбинација е вистинска реткост и луѓето се секогаш љубопитни да дознаат нешто повеќе за Македонија, земјата која Сарита најчесто ја спомнува како своја татковина. Пред да дојде есенва во Македонија таа била во посета на, како што ја нарекува, својата црна фамилија во Атланта и вели дека иако сите таму се физички послични со неа отколку членовите на нејзиното бело семејство во Прилеп, повеќе се чувствува како европјанка отколку како американка.

- Јас ги обожавам Американците многу, ама по менталитет поблиски ми се Македонците, па и воопшто, Балканците. Имам една сестра и двајца браќа и сите тие во моментов живеат во Америка, а јас сум единствената која толку често и со задоволство доаѓа тука. Не е дека не ја чувствувам во себе црнечката крв која ја наследив од татко ми, напротив, знам дека токму оттаму доаѓа оној енергичен дел од мојот карактер, но, сепак, мислам дека Македонците ми се многу поблиски по сензибилитетот и тука се чувствувам многу повеќе дома отколку таму, објаснува Сарита.

Во периодот додека растела често за време на распустот одела во Прилеп и се сеќава дека и било интересно нижењето тутун.

- Кога бев мала берев и еднаш ми дадоа и да нижам тутун, па кога се вратив во Франкфурт каде што тогаш живеевме, симулирав нижење тутун. Берев големи лисја во паркот кајшто живеевме и ги нижев па ги оставав на балконот да се сушат. Којзнае што си мислеа тогаш нашите соседи, се смее Сарита чии роднини во Прилеп и ден денес се занимаваат со садење тутун.

Економија и глума

Сарита отишла на студии во Минхен и иако сега заработува главно како актерка и модел, првично завршила Економски факултет на инсистирање на мајка и.

- Првпат снимив реклама кога имав само три години, а на девет години учествував во една емисија која се викаше 'Mini playback show'. Од секогаш сакав да студирам глума, но мајка ми беше против и рече прво да студирам и да завршам нешто што има врска со економија, а потоа да правам што сакам. Во моето семејство никој друг не се занима со оваа професија. Татко ми е авио-инженер, а мајка ми толкувач и преведувач. Од сите мои роднини, освен мене, единствена врска со сцената има мојата братучетка Ирена Крстеска која е оперска пејачка. Токму таа ми е и најблиска од сите братучеди и си помагаме колку што можеме, раскажува Сарита.

По завршувањето на Економскиот факултет патот ја одвел во Сиднеј каде што ги земала првите приватни часови по глума.

Сарита БредлиВо Минхен се вратила во 2009 година, веќе сигурна дека знае што сака да работи. Добила работно место во филмската редакција на германската телевизија „Теле 5“ и се пријавила на кастинг за филмска улога. Познатиот германски режисер Олаф Итенбах веднаш и понудил улога во неговиот филм. И тоа, не споредна, туку главна улога. И оттука започнува нејзината самостојна актерска кариера. Следуваат различни проекти, различни големи и помали филмски улоги.

Сарита одлично го разбира и зборува македонскиот јазик и би била среќна кога би можела да работи и со некој македонски режисер.

- Многу ми се допаѓаат филмовите на Милчо Манчевски и би сакала да работам со него, како и со Дарко Митревски. Добив понуда за улога во филмот „До Балчак“ на Столе Попов, па тогаш дојдов во Скопје за да направиме пробни снимки, меѓутоа, поради времето задоцнија со снимањето, а јас морав да заминам во Франција, на Филмфест и не излезе ништо од овој ангажман. Од актерите ги сакам Лабина Митевска, Никола РистановскиВерица Недеска, Кристина Леловац и Тони Михајловски, објаснува таа.

Шопска и ајвар

Сарита БредлиКога е во Македонија, редовно јаде шопска салата, пилешка супа и месо, пресен кромид, феферонки и се разбира, домашен ајвар. Во Минхен живее со својата цимерка и многу добра пријателка Викторија со која многу често патуваат заедно.

- Пред две години почнавме еден проект „Back to the roots“. Викторија е половина Германка, половина Португалка па заедно патувавме во Штутгарт, Франкфурт, Лисабон, а бевме и во Македонија, поточно, во Маврово и во Скопје, вели Сарита.

Таа и Викторија се и сега, веќе третпат, заедно во Македонија. И двете додека се во Македонија секојдневно уживаат во шопска салата и пилешко со ориз, а Викторија се жали дека кога се враќа оттука Сарита носи толку многу тегли ајвар што потоа во фрижидерот немаат доволно простор за ништо друго. Омилен пијалок на Сарита кога е во Македонија е газозата, а се уште се сеќава и на вкусот на „Тика“, пијалок кој го пиела кога како помалечка одела кај дедо и во Прилеп.

Кога е во Минхен оди на фитнес, степаеробик, трчање, а сака да игра и салса. Но, затоа во Македонија го сака скијањето во Маврово и иако има можност да скија во Австрија и во Швајцарија, подобро се чувствува токму во Маврово кое им го препорачува за скијање и на Германците. И се допаѓаат планините и кога има шанси за тоа, сака да планинари, а повторно би сакала да оди и на Матка. Бидејќи многу го сака селото Дрен во прилепско, како и манастирот Свети Илија, пред четири години решила да се крсти. Крштевката ја направил македонски свештеник во Германија.

Пајдушко оро и Македонско девојче

Сарита ја обожава македонската фолклорна музика и како мала одела на секоја свадба во фамилијата. Едно време одела и на часови за македонски ора, а најмногу го сака пајдушкото оро на кое ја научила и својата другарка Викторија.

Омилена песна и е „Македонско девојче“ и бидејќи е прилично музикална, ја препеала на англиски и на шпански јазик и снимила интересна џез верзија со една македонска група, но, како што вели, се случила типична македонска работа и објавувањето на песната прилично се оддолжило. Се надева дека наскоро и јавноста ќе може да ја слушне.

Во иднина би сакала се да остане така како што е ... да има нови проекти секоја година, повеќе култура, повеќе патувања, спорт и здрава храна. И да донесе што повеќе пријатели од Германија кои ќе сакаат да инвестираат и помогнат Македонија да остане убаво место за живеење. Токму со таа цел е тука и овие денови.

Драгица Христова/МИА