Македонија
28. јуни 2018 - 17:08

Коѕијас уверува дека договорот од Преспа ќе добие поддршка во грчкиот Парламент

Рерферендумот во Македонија ќе се одржи на 16 или 23 септември, открива грчкиот министер за надворешни работи во интервју за грчкото радио Њуз 24/7. Коѕијас вели дека веднаш по референдумот во Македонија ќе следат и измените на Уставот по што грчкиот парламент ќе го ратификува договорот. Коѕијас не очекува проблеми во грчкиот парламент и покрај противењето на партијата Независни Грци која е дел од коалицијата на Ципрас. Коѕијас вели дека договорот во грчкиот парламент ќе се гласа со мнозинство од 150 пратеници.

„ Нема шанси да не се изгласа во Парламентот, Јас лично му објаснив на Каменос и ќе продолжам да го имам овој став дека Уставот предвидува 180 гласови за договор за отстапување на национален суверенитет. Ние не отстапуваме национален суверенитет. Имаме договор за промена на името и на Уставот на трета земја“

Во врска со обвинувањата во Грција Коѕијас вели дека Атина не направила големи отстапки бидејќи македонскиот јазик уште претходно бил признаен а Договорот не признава македонска националност туку само државјанство на Северна Македонија.
Шефот на Грчката дипломатија е уверен дека за Македонија нема да има пречка да ја добие поканата за НАТО и покрај тоа што Министерството за одбрана на Грција го води Панос Каменос кој е противник на договорот. Коѕијас вели дека одлуките за деблокада на македонската интеграција не ги носи Каменос туку Ципрас.

Во врска со протестите против договорот кои се организираат во Грција, Коѕијас вели дека се само обид на одредени политичари да изградат кариера.

Александар Спасовски за Сител Телевизија.