Македонија
16. May 2016 - 16:36

Коѕијас: Треба да созреат услови Македонија да прифати значителен компромис за името

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас решението за спорот за името уште еднаш го префрли на македонската страна.

Во интервју за грчки Катимерини, Коѕијас зборувајќи за односите со соседите смета дека во Македонија уште не се созреани условите за компромисно решение на отвореното  прашање.

,,Со ПЈРМ ние ги промовираме, во практична смисла, мерките за градење доверба. Мерките за градење доверба се производ на иницијатива што ние ја презедовме. Целта е да се подобрат нашите социјални и економски односи. Што се однесува до името, мислам дека условите треба да созреат во нашата соседна земја, така што да може да прифати значителен компромис‘‘, вели Коѕиас.

Грчкиот министер потсетува и дека на негова иницијатива бил и состанокот во Солун посветен на бегалската криза, на кој учествуваа министрите за надворешни и за внатрешни работи на Грција, Македонија, Албанија и Бугарија, кој завршил со голем успех. Коѕијас додава дека е одлучено форматот на средби да се одржува секои шест месеци.

Но, и покрај оценката на Коѕијас за успешна солунска средба, патем на која Грција презеде обврска за целосно дислоцирање на бегалците од дивиот камп во Идомени, рокот постојано се пролонгира, а обидите за нелегално преминување на македонската граница постојано се околу 100 дневно.

Според македонските власти од моментот на затворање на балканската рута на 8. март досега на грчка територија се вратени над 11 илјади бегалци.

Во контролата на македонската граница освен МВР и АРМ се вклучени и 100 полицајци од Хрватска, Србија, Словенија, Словачка, Чешка, Австрија и Полска, како дел од билатерални спогодби и во рамките на мерките на ЕУ за контрола на бегалската криза.