Балкан
21. July 2018 - 14:03

Коѕијас: Опозицијата во двете земји користи говор на омраза

 - Нова демократија и ВМРО се хранат со проблемите, а ние со решенијата, опозициите во двете земји користат говор на омраза, вели шефот на грчката дипломатија во интервју за „Ефимерида тон синдактон“.
 
Никос Коѕијас, за викенд изданието на грчкиот весник, говорејќи за реакциите во двете земји, вели дека она што него го загрижува не е несогласувањето околу договорот, „бидејќи од една гледна точка, тоа е нормално“, туку е загрижен за тоа каде ќе ја одведе земјата „ширењето и легализацијата на екстремниот десничарски говор на омраза“.
 
- Опозицијата во двете земји е опозиција која користи заеднички говор на омраза. Ја негуваат политичката омраза во сите нејзини димензии: како во внатрешноста, така и во меѓудржавните односи. Нова демократија го отфрла договорот со образложение дека сѐ му предадовме на Скопје. Иванов и неговата партија не го ратификуваат договорот бидејќи, наводно со тоа, неговата земја и се потчинува на Грција. Ако се поврзат овие работи, лесно може да се заклучи дека и во двете земји се работи за партии што се хранат со оваа реторика, со нерешавањето на проблемите, со неактивноста, вели шефот на грчката дипломатија и упатува порака до сите оние граѓани во Грција, кои што не се согласуваат со Договорот, „да го прочитаат и да го проучат подобро“ и да видат „дали навистина се реални опасностите на кои што се повикува опозицијата“.
 
Никос Коѕијас уште еднаш повторува кои се следните чекори и во двете земји согласно Договорот, за потоа „заедно да се справиме со говорот на омраза, бидејќи сакаме да живееме во мир со народот од соседната земја“.
 
- Интересите меѓу двете земји се поблиски од оние на ПЈРМ со било која друга земја, додава министерот за надворешни работи на Грција.
 
Како што јави дописничката на МИА од Атина, шефот на грчката дипломатија во интервјуто открива дека уставното прашање било најтешкото во преговорите.
 
- Најтешкиот момент беше кога завршивме со преговорите, но не го гледаа сите тоа така. Тешко беше да ги убедам ЕУ и ОН, нешто што на крајот се случи, да нѐ остават ние да ги најдеме агендата и решенијата. Бидејќи, колку повеќемина се вклучени со различни изговори или добра намера, толку посложени и тешки стануваат преговорите. За среќа, ОН помогнаа со нивната улога, а сите други останаа далеку од преговорите. Најтешката точка на самите преговори беше уставното прашање, вели Коѕијас.
 
На забелешката од новинарот дека Договорот од Преспа бил поздравен од дури и од Европската народна партија, но не и од Белград, шефот на грчката дипломатија вели дека верува дека мнозинството во Србија е позитивно насочено кон решението меѓу Македонија и Грција.
 
- За одредени националисти во Белград, кои за среќа се малцинство таму, имам чувство дека со овој договор завршија нивните „соништа“ за одново ставање на регионот под нивна хегемонија. Спротивно на овие кругови, верувам дека мнозинството политички сили и српското општество позитивно се насочени кон договорот, коментира Коѕијас, пренесе МИА.
 
Во однос на случајот со руските дипломати, шефот на грчката дипломатија, порачува дека Русија треба да ги почитува грчките национални интереси и се осврнува на внатрешните реакции во Грција, велејќи дека „сите оние што се прават големи патриоти, всушност потчинети“.
 
- Критериум во нашата политика се нашите национални интереси. Русија треба да сфати дека не може да не ги почитува националните интереси на друга држава, бидејќи се чувствува посилна од неа. Таков став нема да прифатиме,  вели Коѕијас.