Македонија
18. April 2018 - 17:13

Коѕијас: Македонија нема да влезе во НАТО во јули - нема време за решение на спорот за името

Македонија нема да стане членка на НАТО за време на претстојниот самит закажан за во јуни, бидејќи нема доволно време, вели министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, во интервју за грчкото радио 24/7. Објаснувајќи ги следните чекори кои треба да ги преземе македонската Влада, за да стигне до посакуваната позиција, Коѕијас вели дека целата работа би требало да се заврши најрано на есен.

Тие сакаат да распишат референдум. За референдум во земјата пријател на север, потребни се два месеци. Само за референдумот ќе дојде јуни. А откако ќе се заврши со референдумот, договорот ќе треба да оди во Собранието, а и за тоа треба половина месец или еден месец. Откако ќе стигне во Собранието, ќе треба да се направат уставни измени. За да имаме договор ќе треба да се согласиме за уставни промени. Што значи ќе стигне есен, објасни шефот на грчката дипломатија. 

Грчкото МНР пак, оценувајќи го позитивниот извештај на ЕК за напредокот на нашата земја, соопшти дека треба да се разјасни дека одлуките не ги носи Комисијата, туку Советот на ЕУ, каде Грција јасно ги има формулирано нејзините позиции. Унапредување на реформите и решавање на прашањето за името се главни предуслови за интеграција на Македонија во ЕУ.

Безусловната препорака за почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија, денеска ја поздрави Бугарија, како актуелен претседавач со унијата. Во соопштението на бугарското МНР се вели дека официјална Софија целосно ги поддржува наводите на извештаите на ЕК, како и принципите, евроинтеграцијата да се базира на сопствените заслуги, владеењето на правото и доброто економско управување.

Итноста за решение на спорот со името е диктирана од европскиот воз, а во идеално сценарио до решение може да дојдеме во следните два до три месеци, порача министерот Димитров во интервју за францускиот весник “Ла Кроа”.

Две европски земји кои споделуваат еден географски регион, треба да можат да најдат достоинствен начин кој ќе овозможи да се прави разлика меѓу нашата држава и регионот Македонија кој се наоѓа во Грција, без да се повреди идентитетот и достоинството на македонскиот народ.