Македонија
30. October 2017 - 16:55

Коѕијас: Македонија е дар од бога, но избрала погрешен кум – За учебниците ќе се формира заедничи комитет што ќе го отстрани иредентизмот

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас ги повторни очекувањата Македонија и Грција да формираат, како што вели, комитет кој ќе ги ревидира учебниците во делот на историјата и географијата. Комитетот, според Коѕијас треба да функционира на ист принцип како тој со Албанија.

- Формиравме комитет за учебниците со Албанија. Ги решивме спорните прашања во учебниците во 10 од 12 одделенија, но остануваат последните две кои се најтешки, посебно во контекст на историјата и географијата. Се надевам дека до летоска ќе завршиме. Ист таков комитет се надевам дека ќе формираме и со северниот сосед БЈРМ, и кај двете страни. Немаме ништо против да погледнат и во нашите учебници, и ако пронајдат нешто погрешно нема да се противам да се корегира, изјави Коѕијас.

Став побаравме од македонското МНР, од каде рекоа дека внимателно ќе ја анализираат новата изјава на Коѕијас, по што ќе реагираат. Претходно МНР ја демантира изјавата на Коѕијас дека во Њујорк со министерот Димитров договориле заеднички комисии кои ќе работат на македонските учебниците, односно потврди дека е договорена само средба на експерти од областа на историјата.

Инаку, според шефот на грчката дипломатија разликите за името не значат дека Грција е против постоењето на Македонија, но смета дека освен името, главен проблем е иредентизмот.

- Всушност во односите меѓу Атина и Скопје има два проблема, првиот е досегашната неодговорност, а вториот е чувството на Македонија дека Грција не го сака нејзиното постоење. Јас тоа со моите изрази на афинитет го порекнувам, но тие не сакаат да слушаат, дека нивната земја е дар од Бога, но проблемот е што избрале погрешен кум. Разликите во името не значат дека Грција не го сака постоењето на оваа држава, како и дека има какви било планови за нејзина реогранизација или дезинтеграција, вели Коѕијас.

Почеток на новата рунда разговори со медијаторот Нимиц, Коѕијас најави за 3 до 4 недели.