Македонија
30. January 2018 - 16:24

Коѕијас: Грција ќе и достави на Македонија спогодба во четири точки

Спогодба за името во 4 точки ќе и биде доставена на Македонија кон средината на февруари, најави шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас.

Зборувајќи за државната телевизија, Коѕијас откри дека нацрт спогодбата ќе опфаќа предлози за името, иредентизмот, меѓународни и регионални односи на Македонија и мерки за позитивна агенда за дополнително развивање на билатералните односи.

Притоа министерот појасни дека преговорите опфаќаат седум прашања: името, употребата на името, идентитетот, јазикот, трговската употреба, акронимите и знаците.

За името, тој потврди дека медијаторот доставил пет конкретни предлози, четири имиња на македонски јазик и едно Република Македонија (Скопје). Грчката позиција е сложеното име со терминот Македонија, да не биде на англиски, да биде на јазикот или јазиците на оваа земја, без превод. 

,,Во разговорите, првата работа ќе биде, кое ќе биде името, содржината на името и придавката на името, бидејќи вториот елемент на името ќе го содржи терминот Македонија како географска област. Втора работа, дали ќе биде 1 или 2 збора. Трето дали ќе се воведе на јазикот на земјата или на меѓународен јазик и четвртото дали ќе биде преведено или не‘‘, рече Коѕијас.

Шефот на дипломатијата како услов наведе и измени во македонскиот устав во делот на преамбулата и два члена без да открие дополнителни детали.

,,Кој било договор што ќе го случиме, ако не е придружен од уставни промени или ако сакате да ги кажете, прилагодувања, ќе може подоцна кој било нов премиер, од друга политичка опција, да го смени. Ќе се најде во тешка позиција сегашната влада на оваа земја, ако не се смени Уставот, а склучи меѓународни договори и следната влада ќе им каже дека дејствувале противуставно‘‘, вели Коѕијас.

Со тоа, Коѕијас, практично го отфрли предлогот на Нимиц за фазно решавање на проблемот. Тој наведе дека спогодбата ќе мора да се прифати во пакет, што подразбира и промена на македонските пасоши и лични карти, бидејќи и двата документа се употребуваат во рамките на ЕУ.

Говорејќи за изведените зборови што произлегуваат од името, Никос Коѕијас, откри дека терминот „македонски јазик“ бил признат од Грција во 1997 на конференција на ОН одржана во Атина.

,,Знаете кога е прифатено во ОН името македонски јазик? Знае кога прв пат беше направен договорот од страна на Грција, јазикот на оваа земја да се вика македонски? Јас ќе ви кажам. Во 1997 за време на Константинос Караманлис. Знаете каде се случи ова? Се случи на конференција на ОН организирана во Атина‘‘, откри Коѕијас.

Министерот не сакаше да говори за конкретни временски рокови за решение, но беше дециден дека без договор нема да има членство на Македонија во НАТО.

Според грчкиот предлог, спогодбата која се уште е во фаза на формулација, ќе треба да добие зелено светло од парламентите на двете земји и ќе го отвори патот на Македонија во НАТО и во ЕУ.

На јавното соопштување крајни позции од страна на Коѕијас реагираше македонското МНР, кое смета дека  тоа може да го намали просторот за разговори.

,,Од наша страна има добра волја за заемно прифатливи решение кое ќе ги почитува интересите, достоинството и идентитетот на двата народа.  За да дојдеме до решение ќе биде нужна добра волја и од другата страна‘‘, велат од кабинетот на министерот Димитров.