Македонија
25. јуни 2018 - 16:03

Коѕијас бара од ЕУ да си го исполни ветувањето и да додели датум за преговори

Писмото со кое Коѕијас го извествуа Брисел дека официјална Атина нема проблем Македонија да ги почне преговорите со Европската Унија треба да ја крене рампата на македонскиот интегративен пат.

За своите позиции шефот на грчката дипломатија се очекува утре и лично да ги информира министрите на земјите членки на Европската Унија во рамки на Советот за општи работи кој од денеска заседава во Луксембург.

Во пресрет на состанокот на европските шефови на дипломатиите кој би можел да биде клучен за Македонија, Коѕијас апелира до своите колеги, Брисел да ги исполни своите обврски и да додели датум за старт на преговорите.

„Им кажав на моите колеги дека можат да бидат колку што сакаат строги. Но, ние мора да не ја блокираме перспективата. Се плашам дека ако не се даде датум за пристапни преговори за Северна Македонија, сите напори што ги направивме со големи жртви и компромиси од двете страни, би можеле да бидат ставени во опасност.  Сега, го имаме извештајот на Комисијата и предлог да разгледаме отворање на преговори. Сега стигнавме до таа точка и треба да го сториме тоа. Европа мора да си го одржи зборот“ – вели Коѕијас во интервју за Еуроактив.

Коѕијас вели дека од неколку земји кои имале резерви за проширувањето неизвесен е само ставот на Франција. Францускиот претседател Макрон најави дека конечната одлука на официјален Париз ќе ја соопшти на самитот на шефовите на држави и Влади кој е закажан за во петок во Брисел.