Македонија
30. November 2015 - 16:22

Коѕијас бара доверба, а продолжува со навреди кон Македонија и македонскиот народ

-На Балканот имаме специфичен проблем, тоа е ФИРОМ. Држава со две заедници: Албанци и Словени, кои сакаат себе си да се нарекуваат ,,Македонци‘‘. Словени кои изразуваат анахрон и нелегитимен иредентизам кон Грција, историски и географски.

Со овие зборови шефот на грчката дипломатија Коѕијас настапи пред аудиториумот на техеранскиот универзитет, за време на посетата на Иран.

Повикувајќи се на почитување на принципот на правото и културата, Коѕијас повторно ,,заборави‘‘ на пресудата на Хашкиот суд во корист на Македонија, но затоа го обвини македонскиот Претседател, но и западните земји за непочитување на овие принципи.

-Овие два принципа отсуствуваат во однесувањето на Претседателот на ФИРОМ и во практицирањето на другите фактори во државата. Тоа вклучува одговорност и на западните земји, кои во услови на криза во таа земја го префрлаат товарот за решавање на проблемите кај нејзините соседи. Тоа ја отежнува способноста на владата на оваа држава да прави компромис и умерено да владее, обвини Коѕијас.

Наведувајќи дека Атина работи за мирот и стабилноста на Македонија, Коѕијас  рече дека Грција дала интересен предлог за начинот и за процесот за решавање на спорот за името, при што клучно е да се надминат иредентизмот и шовинистичките планови.

Од друга страна, шефот на грчката дипломатија својата земја ја нарече пријателска и мирољубива држава, која сака да ризикува и во добри и во тешки моменти за да се избори за правата на луѓето преку следење на меѓународното право.