Балкан
24. February 2016 - 13:13

Коѕиас: Тоа што Грција не е поканета во Виена е непријателска акција

Денешниот состанок во Виена е уште една вонинституционална иницијатива која ги крши духот и словото на Договорите на Европската унија и меѓународното право за бегалци, вели грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас во пишана изјава.

- Тоа што нашата земја не е поканета на оваа средба се смета за непријателска акција, затоа што создава впечаток дека одредени страни, во наше отсуство, сакаат да реализираат одлуки кои се однесуваат директно на нас, изјави Коѕиас.

Според него, како што јави дописникот на МИА од Атина, иницијатива за средба на директорите на полициите од Шенген зоната со полициски службеници од земјите од Западен Балкан, само неколку часа по завршувањето на состанокот на Европскиот совет и одлуките кои се движат во сосема спротивна насока од одлуките на европските лидери, укажуваат на „сериозен демократски дефицит“.

Коѕиас нагласува дека директори на полиции не можат да поништат одлуки на избрани европски лидери.

- Грција прави огромни напори да се справи со бегалците и хуманитарната криза, со почитување на европските вредности и одредбите на меѓународното право. Таа ќе продолжи на својот пат да биде предводена од кохезија и визијата на Европската унија, постојано нагласувајќи им на сите страни дека е потребна борба против причините за кризата, а не со оние кои страдаат од неа, изјави шефот на грчката дипломатија.

Претходно, како што јави „Катимерини“, министерот за надворешни работи на Австрија, Себастија Курц застана во одбрани на одлуката на неговата земја да не ја повика Грција на Конференцијата на земјите од Западен Балкан посветена на менаџирање со мигрантската криза,

Курц изјави дека Грција „јасно изразила незаинтересираност да го намали приливот на мигранти и токму спротивното, сака да продолжи да ги проследува натаму“ кон Македонија, од каде тие би го продолжиле својот пат кон север.

Тој исто така потсети дека Австрија го ограничи бројот на бегалци кои можат да влезат на нејзина територија.

Курц ја дал оваа изјава пред денешната средба на министри од владите на Австрија и земјите од Западен Балкан, која се одржува со цел да се изнајдат заеднички решенија за намалување на протокот на бегалци.

Австриското Министерство за внатрешни работи соопшти дека Грција не е поканета затоа што конференцијата е поставена во „редовен формат“ кој не ја вклучува Атина.