Македонија
25. August 2016 - 19:02

Коѕиас - Попоски: Мерките треба да ја вратат довербата, а спорот за името ќе се решава подоцна

Без доверба двајца не можат да стапат во брак а две земји не можат да ги решат меѓусебните спорови - ваква паралела меѓу бракот и односите меѓу Македонија и Грција денеска направи грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас кој е гостин на дипломатскиот совет во МНР. По средбата со неговиот колега Никола Попоски двајцата потенцираа дека се раговарало исклучиво за мерките за градење доверба меѓу двете земји. Според Коѕијас  тоа е единствениот начин да се приближат двете земји и да се отвори пат за решавање на спорот за името.

Шефот на македонската дипломатија смета дека во услови на големи предизвици на ЕУ и НАТО како и при постоењето на спорото за името, градењето доверба и добро соседство со Грција е најдобар начин да се покаже дека земјата сама се грижи за својата стабилност и економски просперитет.

За 14 месеци колку што поминаа од првата посета на Коѕијас на Скопје многу работи се променети. Коѕијас низ смеа потсети дека при неговото прво патување кон земјава, неговите колеги во Советот на министри на ЕУ не му верувале каде ќе патува. Неверување и шеги слушнал и кога ставил вето на барањето на некои земји за воведување санкции за земјава.  

Двете земји соработуваа и во справувањето со мигрантската криза.

Сега Коѕиас и Попоски се согласни дека треба да се фокусираат на економската, образовната , културната и безбедносната соработка.

Коѕиас покрај со Попоски оствари средби и со премиерот Емил Димитриев и претседателот Ѓорге Иванов.

На средбата во Владата Димитриев ги поздравил сите позитивни сигнали за  градење доверба во насока на остварување на стратешките интереси на земјата, членство во НАТО и ЕУ каде пречка е спорот со Грција.

Попладнево тој се обрати пред македонските дипломати во рамки на дипломатскиот совет.

За неговата посета огромен беше интересот и кај македонските но и кај грчките медиуми кои го следеа до Скопје.