Кошарка
27. August 2020 - 18:09

Кочов: Моја најголема желба е да го вратам МЗТ Скопје Аеродром во АБА лигата

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром веќе десетина дена се во тренажен процес, во обид полека да се вратат во посакуваната форма по принудната петмесечна пауза поради пандемијата со коронавирусот, кога и самата помисла на тренинг во сала беше нешто неверојатно недостижно.
 
Тренерот Ѓорѓи Кочов на располагање го има речиси комплетниот тим со кој ќе се обиде да дојде до посакуваните цели во новата сезона, без последното засилување, Тодрик Гочер, кој викендов треба да пристигне во Скопје. Атмосферата е фантастична, се работи „пеколно“ и тоа надвор, во теретана и во сала, бидејќи сите се решени да го дадат максимумот пред почетокот на ова најслаткото, периодот со натпревари.
 
„Чуството да се биде повторно в сала и да се држи тренинг е неверојатно и непроценливо. Мислам дека го сонував моментот кога повторно ќе слушнам чкрипење на патики, навистина бевме предолго оставени без таква можност. Пандемијата негативно се одрази врз целокупното човештво, а ние не бевме нималку поштедени, односно бевем директно погодени бидејќи нашето егзистирање од кошарката беше ставено под знак прашалник. Времето го искористив за следење онлајн-семинари, кои навистина ги имаше премногу. Дури и нашиот тренер Никола Велев имаше свое излагање, кое беше навистина одлично следено и оценето. Без разлика што бев оневозможен да држам тренинг во сала, секојдневно бев со кошарката по минимум 5-6 часа и сега сум нетрпелив сите нови работи научени овие месеци да им ги пренесам на моите кошаркари“, изјави Кочов.
 
Кочов и годинава ќе ги има најголемиот дел од играчите кои настапуваа и минатата сезона, а со седуммина македонски репрезентативци и четирите квалитетни странски засилувања, надополнето со неколкумина играчи од младинскиот погон стратегот на сино-белите верува во својот тим .
 
„Мислам дека имаме компактен и талентиран тим, кој очекувам да игра навистина добра кошарка. Верувам во спојот на талент и искуство и навистина очекувам сезона што ќе донесе радост како за сите нас, така и за армијата навивачи и симпатизери кои стојат зад клубот“, истакнува Кочов кој за очекувањата во претстојната сезона вели „Моја најголема желба е да го видам МЗТ Скопје Аеродром во АБА-лигата. Покажавме голема константност во АБА2 и домашното првенство изминативе години, меѓутоа тоа што не сме регионални прволигаши ми е голема болка. Само посакувам да сме здрави, првенството да се игра и конечно да го зададеме последниот удар и сликата да биде целосна, а со тоа и нашето оддолжување кон клубот, кој ни дал шанса биде целосно“.