Kочанските пожарникари со стотина интервенции во октомври
Пожарникарите од Протиовпожарната единица во Кочани само во октомври имале приближно сто интервенции за гаснење пожар на отворен простор, што е неславен рекорд во нивната повеќегодишна евиденција.
Главна причина за пожарите е навиката на земјоделците, по жнеењето на оризот и другите жита, да ја палат сламата и стрништата во нивите. Силниот ветер и сувото време придонесуваат за брзо ширење на огнот, поради што надлежните се загрижени за потенцијалните опасности што се закануваат за населените места во близина.
-Кочанското поле веќе цел месец е во пламен, а само на територијата на општина Чешиново-Облешево имавме 65 интервенции за гаснење пожари. Најголемата опожарена површина од 120 хектари е токму во оваа општина, а пред неколку дена гасневме оган во близина на бензинската пумпа кај Чешиново. Постојано сме на терен, трошиме материјални и човечки ресурси поради несовесните земјоделци, кои и покрај сите препораки ја палат сламата во ожнеаните ниви. Крајно време е инспекторите да преземат поригорозни казни за да се спречи оваа негативна појава, реагира Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.
Граѓаните реагираат за загадениот воздух од чадот и на остатоците од запалената слама што ветерот ги носи дури до градот, поради што ова прашање се најде и на седницата на Советот на општина Кочани.
– Ова е сериозен проблем што нè загрижува, затоа што ингеренциите на инспекторите не даваат резултат. Како може од 65 пожари кај нив да има само пет пријави. Возилата на Противпожарната единица се испокршија во полето, ние не ќе можеме да интервенираме во други случаи. Во градот се чувствува мирисот на чад, за штетата по животната средина и да не зборуваме. Се загадуваат воздухот и почвата, се уништува живиот свет. Ќе иницираме за секоја изгорена нива да се плаќа казна, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Надлежните предупредуваат дека казните за лицата кои палат оган во природа се високи и изнесуваат од 1.500 до 3.000 евра. До сега укажувањата не дадоа поголем ефект, а во изминатиот од неконтролираното ширење на пожарите во Кочанско изгореа петнаесетина хектари зимзелена шума, ниви со пченка и лозја.
Ново на Сител
-
Не само ПМ честичките туку и бројни хемикалии во загадениот воздух влијаат на здравјето
-
Тема на денот со Маргарита Цаца Николовска
-
Агелер: Ако ние обезбедивме докази за Груби и Беџети, можат и македонските власти
-
Голема полициска акција: Уапсени над 20 лица за криминал тежок 6,5 милиони евра
-
ДУИ со една реченица ја поздрави одлуката на Стејт Департментот, не запираат рекациите
-
Објавени документи пред утрешната одлука на Уставниот суд за јазиците
-
Протест во Скопје за спас од загадениот воздух
-
Предлог буџетот за следната година на пленарна седница