Македонија
24. October 2019 - 14:19

Коцевски: Наскоро трајно санирање на свлечиштето на излезот од Велес

ЈП за државни патишта наскоро треба да го потпише договорот за завршената тендерска постапка  со што ќе започнат конкретни градежни зафати за трајно санирање на свлечиштето од ридот Цуцка на излезот од Велес, како и изградба на потпорен ѕид помеѓу железничката пруга и регионалниот пат Велес – Градско, најави денеска градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски.

Тој појасни дека ЈП за државни патишта во буџетот за годинава предвидело средства  за изготвување на техничка документација и за санирање на свлечиштето од ридот Цуцка и додаде дека според проценките на професорите на Градежнит факултет од Скопје тоа ќе биде сериозен градежен зафат кој ќе чини над  25 милиони денари.

-Затоа им упатувам порака на сите сограѓани и сограѓанки кои жестоко ме критикуваа на социјалните мрежи да бидат трпеливи. За многу брзо време ќе биде потпишан договорот за завршената тендерска постапка во ЈП за државни патишта. Со тоа  ќе започнат и конкретните градежни зафати за трајно санирање на свлечиштето од ридот Цуцка, како и за изградбата на потпорен ѕид помеѓу железничката пруга и регионалниот пат, потенцира Коцевски.

Станува збор за санација, посочи, на оштетениот регионален пат од Велес кон Градско на самиот излез од градот, каде лани на 13 март паднаа големи камени блокови од ридот Цуцка на патот и железничката пруга и го сопреа одвивањето на сообраќајот, за среќа без жртви. По  повеќедневното расчистување пругата од Велес кон Гевгелија, а потоа и патот беа оспособени за сообраќај, но оттогаш, поради големи оштетувања, едната коловозна лента од тесниот пат се уште е забранета за сообраќај.