Македонија
21. August 2017 - 14:21

Коце Трајановски даде отчет за сработеното

Во изминативе четири години работев транспарентно, напорно и посветено. Плод на таквата посветеност и работа се стотици реализирани проекти во Град Скопје, во различни области кои го подобрија животот на скопјани. Ова на денешната прес-конференција го истакна градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, кој даде отчет за неговата работата за изминатите четири години. 

- За намалување на сообраќајниот метеж проширени се многу булевари. Проширивме и пробивме 14,5 километри улици и булевари. Дел од нив се булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ трет дел, во делот на општина Карпош, булеварот „Ѓорче Петров“ прв дел, булеварот „Партизански одреди“ од Порта Влае до црквата „Свети Петар и Павле“, „Трета Македонска Бригада“ прв дел, булеварот „АСНОМ“ кај последна петка, улицата или булеварот во Маџари..., рече Трајановски.

Тој посочи дека обновиле улици во должина од 20 километри: „Кемал Сејфула“ втор дел, „Јане Сандански“ втор дел, „Васко Карангелевски“ која деновиве ќе биде пуштена во употреба, „Народи херои“ во Кисела Вода, „Алија Авдовиќ“ во Гази Баба, Сингелиќ, улицата „Сарај“ прв дел...

- Изградивме три кружни тека, на „Шеснаесетта Македонска Бригада“, на булеварот „Партизански одреди“ кај Порта Влае и кружниот тек меѓу улиците „Втора Македонска Бригада“ и „Лазо Трповски“ во општините Чаир и Бутел. Во тек е изградба и на кружниот тек кај „Христо Татарчев“ и булевар „Србија“, рече Трајановски. Информира дека во тек на градба се  булеварите „Христијан Тодоровски-Карпош“, во делот на Бутел и во Чаир, „Трета Македонска Бригада“ втор дел, „Србија“ од Цементарница кон „Христо Татарчев“, „Борис Трајковски“ од Стаклара до Пинтија, кој е во завршна фаза...

Градоначалникот Трајановски информира дека со ЈП „Водовод и канализација“ изградиле 82 километри водоводна мрежа, 40 километри фекална канализација и околу 30 километри атмосферска канализација. 

- Во јавниот автобуски превоз направивме голем напредок со тоа што воведовме електронска картичка за плаќање во јавниот превоз. Многу е значајно што ги интегриравме приватните автобуси во единствениот јавен автобуски сообраќај во Град Скопје и сега граѓаните немаат дилема дали ќе се возат во приватни или во автобуси од ЈСП, рече Трајановски и додаде дека сателитски се следи движењето на автобусите. 

Трајановски нагласи дека проекти се реализирале во 10-те општини во Град Скопје во интерес на жителите. Потсети на дел од реализираните проекти: реконструирани се сите средни училишта во Скопје, вкупно 21 и изградени се две нови, во општините Сарај и во Шуто Оризари, изградени се велосипедски патеки во должина од 51 километар, реализирани се квалитетни културни и спортски манифестации. За 2016 година, како што рече, добивме награда за мобилност од ЕУ. 

Во овие четири години засадени се 256.000 листопадни дрвја и зимзелени садници, а подигнати се 330.000 метри квадратни нови зелени површини. Субвенционирани се 405 граѓани за набавка на печки на пелети и 2.600 граѓани за купување велосипеди.