Свет
13. April 2017 - 17:14

Коалиција: Не сме извршиле удари, тоа се намерни дезинформации од Сирија

Воената коалиција на чело со САД која се бори против ИД, негираше наводи на сириската армија дека извршиле напад во кој е погоден склад со залихи на отровен гас на џихадистичката организација и со тоа предизвикале смрт на стотици луѓе.

– Коалицијата не извршила напади во таа област во тоа време. Тврдењата на Сирија се неточни и намерни дезинформации, изјави полковник Џон Дориан, портпарол на коалицијата.  

Сириската армија соопшти денеска дека во воздушен напад на коалицијата предводена од САД, врз складиште со отровни материјали на ИД во источниот дел од Сирија, загинале стотици луѓе, меѓу кои и голем број цивили.

Армијата соопшти дека нападот е извршен синоќа во провинцијата Деир ал Зур.

По бомбардирање на складиштето се распространил жолт чад. Тоа е доказ дека таму биле чувани резерви од отровни материи. Загинале стотици луѓе, вклучувајќи и цивили, соопшти армијата.

Според сириската војска, нападот потврдува дека терористичките организации како ИД и Џебхат ал Нусра имаат хемиско оружје.