Македонија
20. October 2017 - 17:15

Коалициите во албанскиот блок ја менуваат сликата за власта, што ќе се случува по изборите!?

Молк во ДПА по шпекулациите во медиумите за можноста партијата на Тачи да стане дел од владината коалиција. По договорот на Села и Касами, никој во ДПА ниту потврдува, ниту демантира дека по локалните избори Тачи влегува во владата на Заев, како замена за Алијансата.

Во меѓувреме дел од медиумите повикувајќи се на извори во СДСМ и ДУИ објавија дека по изборите Села ќе ја напушти владината коалиција и дека оваа приказна е веќе завршена, а прашање е само, дали ќе се реши сам да се повлече.

Од Алијансата ги демантираат овие информации. Висок партиски функционер за Сител вели дека токму тие се столбот на реформите во Владата и дека не планираат да ги менуваат пратеничките столчиња. Од таму за ваквите шпекулации ја обвинуваат партијата на Ахмети. Според Алијансата, ДУИ се тие кои сакаат да го избркаат Села од Владата.

Од ДУИ не кријат дека договорот на Села со Касами може да донесе промени во владиниот состав.

Владата чиј кабинет во моментов зависи од поддршката на Алијансата не сака да се меша во пост-изборните политички калкулации.

Распоредот на силите во Собранието вели дека партијата на Мендух Тачи би била доволна замена за Алијансата со оглед на тоа дека Села остана со двајца пратеници во Собранието, а исто толку под своја контрола има и ДПА.