Фудбал
18. May 2016 - 16:45

Клоп: Сакаме да им ја исполниме желбата на нашите навивачи

 Менаџерот на Ливерпул во пресрет на вечерашното финале во Лига Европа против Севиља не ги криеше амбициите и мотивацијата со која неговите избраници ќе влезат во овон натпревар. 
 
Свесен за квалитетот на противникот кој две години во низа е освојувач на Лига Европа и вечерва ќе атакува на рекордниот петти трофеј во ова натпреварување, Германецот на кормилото на англискиот тим истакна дека поддршката од навивачите кои верно го следат Ливерпул како на домашен така и низ терените ширум Европа се главниот мотив за победа во финалето. 
 
 
„Ја знаеме желбата на нашите фанови. Знаеме колку многу сакаат да го освоиме овој трофеј. Ни го покажаа тоа на импресивен начин, и дома и на гостински терен. Ние сакалме да бидеме тимот кој ќе им ги оствари соништата. Можам да ветам дека ќе направиме се, но проблемот е тоа што и Севиља ќе се обиде да го направи истото“, изјави Клоп. 
 
Искусниот Германец кој го врати тимот на Ливерпул на вистинскиот пат по неколкуте лоши сезони, потенцира дека само еден миг, потег може да го реши натпреварот, па затоа од своите играчи ќе бара пред се да бидат трпеливи, дисциплинирани и да ја ценат секоја топка. 
 
„Треба да бидеме организирани, да ја превземаме контролата, да бидеме трпеливи во додавањата додека креираме шанса. Мора да ја цениме секоја топка која ќе ја имаме во посед. Едноставно. Недозволиво е да се прават грешки, бидејќи Севиља е екипа која знае како да ја казни и најмалата грешка на противникот, а тоа може да биде кобно и решавачки за целиот меч’’, дополни Клоп. 
 
За Ливерпул ова ќе биде шанса да се спаси сезоната, особено по лшоиот настап во Премиер лигата каде на крајот завршија како осмо пласирани без обезбедено место за настап во европските купови следната сезона. Затоа, Клоп и неговите избраници вечерва ќе мора да сторат се како Ливерпул би обезбеди место во Лигата на шампиони, привилегија која ќе ја добие освојувачот на Лига Европа.