Македонија
25. May 2023 - 16:39

Клинички се враќа на стар систем од идната година, нема повеќе економски директори

После Нова Година Клинички повторно ќе биде една целина, со еден директор на целиот комплекс. Триесетината клиники кои од 2007-ма функционираат секоја посебно, од јануари пак ќе се спојат во една здравствена установа, најави министерот за здравство. 

Проектот бил при крај, само треба да добие зелено светло од Владата. Фатмир Меџити не се плаши од политички притисоци зошто со спојувањето ќе се укинат повеќе од 50 директорски позиции медицински, но и на организациски менаџери кои се партиски кадри.

-Да, едвај чекам тоа да се случи. Нема да имаме загубари како заедничките служби од 20 милиони евра, а кои не знаат што работат. Тогаш ќе се знае точно што е се работи, ќе се штеди и ќе има поголема соработка меѓу клиниките. Не откривам топла вода, но тоа го имало и било добра работа. Политички притисоци не ме интересираат. ЕУ го бара ова како скрининг и мора ова да се направи, здравството да функционира, изјави Фатмир  Меџити, министер за здравство.

Според Меџити, здравството е во ваква состојба поради лошо менаџирање изминатите 30 години. Тој најави, додека е министер од секој директор на здравствена установа во државата ќе бара отчет на 6 месеци што сработил. 

Министерот посочи дека долгите бирократксите процедури и префрлањето на надлежности од една на друга институција се причина за бавната реализација на ветените проекти, вклучително и решение за проблемот со паркингот на Клинички.

-Имаше дупка кај Максилофацијална и никој не бил надлежен да ја поправи, а ако падне некој и се повреди, кој ќе одговара, праша Меџити.

За да се зајакнат со кадар и искуство, но и да не скапува купената опрема во болниците во внатрешноста, Меџити најави засилена дисперзија на лекари од Клинички кои треба да ги обучат и да им помогнат на  колегите во помалите градови.