Свет
21. January 2020 - 8:33

Климатската дипломатија ќе биде врвен приоритет на ЕУ од оваа година

Климатските активности ќе биде во срцето на дипломатијата на Европската Унија, заклучија министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ на вчерашниот состанок.

Во заклучоците усвоени од страна на министрите се нагласува дека климатските промени претставуваат “егзистенцијална закана“ за човештвото и за биодиверзитетот во сите земји и сите региони и бара итен колективен одговор.

ЕУ е решена да се позиционира како глобален лидер во борбата против глобалното затоплување и климатските промени и да ги поттикне нејзините партнери ширум светот да ги зголемат своите напори и амбиции во оваа област.

Советот на ЕУ ќе бара од сите трети земји да водат поголема борба против климатските промени и ќе им помага во нивните напори преку сите алатки кои ги има на располагање во делот на надворешната политика, заклучија министрите.

-Лидерството на ЕУ преку примери е клучно за да се зголеми светската колективна амбиција, стои во заклучоците на состанокот.

Една од целите на ЕУ е да постигне климатска неутралност до 2050, односно да ги сведе на нула емисиите на штетни гасови и со тоа да придонесе за потребното драстично намалување на глобалното затоплување, да го сочува биодиверзитетот и да го намали аерозагадувањето.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Јосеп Борел и земјите членки до јуни 2020 треба да изготват стратешки пристап за климатската дипломатија, со конкретни оперативни решенија.

Европската Унија ќе има задача да ги притиска третите земји, и посебно земјите членки на Г20, да ги постигнат целите од Парискиот Договор.