„Клас“: Да се контролира увозното брашно пред да влезе во Македонија
Регионалниот сојуз на земјоделците „Клас“ го поддржува ставот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и бара да се применуваат законските прописи, односно да се контролира квалитетот на брашното или пченицата пред нивниот влез во земјава.
Според претседателот на „Клас“ Перо Стојкоски, земјоделците не се против увозот, но контрола при влезот во земјава мора да има.
- Не сме против увоз на брашно или пченица од која и да е земја, зашто ни треба за задоволување на домашните потреби. Но, при увозот на секоја стока треба да има контрола на самата граница во Македонија. Досега, директно, брашното одеше кај преработувачите. Потоа се вршеше анализа и доколку се утврди дека не е квалитетно, а веќе е потрошено, немаше кај кого инспекторатот да се жали. Не станува збор за проблем меѓу двете министерства, туку за непримена на законот од увозниците во Македонија, изјави Стојкоски.
„Клас“ се сомнева во декларираниот квалитет на увезеното брашно и бара Министерството за земјоделство да ги објави увозниците.
- Не може нашиот производ (пченицата или брашното) да има целосна контрола на квалитетот при откуп и производството, а она што го увезуваме, без разлика од која земја е, да не се контролира при влезот кај нас, во Македонија. Аплираме Министерството јавно да ги каже кои се увозниците, изјави Стојкоски.
Земјоделците бараат да се најде решение и за недооткупениот род пченица.
- Аплираме Министерството да не повика сите: увозниците, млинарите и нас, производителите на пченица, заедно да најдеме решение за количествата кои се уште не се откупени од летоска. Има уште околу 30.000 тони што е околу една петтина од реколтата. Таа пченица сега во март се откупуа по девет до 11 денари за килограм. Во моментов ја купуваат само сточарите. Откако ќе се најде решение, увозниците може да увезуваат брашно и пченица, но да остане контролата на квалитетот при влезот на производите. Доколку е така, тврдиме дека ќе имаме далеку поквалитетна пченица, зашто се сомневаме дека и увезените вештачки ѓубрива не се со декларираниот квалитет, рече Стојкоски.
Според Томе Здравески, производител на пченица, неконтролирањето на квалитетот на увезеното, влијае на цената на домашното производство. - Со увозот на брашно без да се контролира влезот, кај нас паѓа цената, а мелничарите сами одредуваат цена на брашното. Нам ни велат дека увезеното брашно или пченица се поевтини од домашното производство, истакна Здравески.
Ново на Сител
-
Приведено уште едно лице за убиството на докторот во Железара
-
Вработените во здравството најавуваат протест на 8 април
-
Битиќи: Работна недела од 7 часа дневно во одредени сектори во 2025
-
Македонија треба да врати 2,2 милиони евра потрошени за измами од „Еразмус плус“
-
Мицкоски најави нови проекти во Гевгелија
-
Бабовски: Кај нас нема од вафлите Нестле што се повлечени од хрватскиот пазар
-
Скопјанец наплаќал паркинг на државно земјиште
-
Кривична пријава за тројца полициски службеници за „несовесно работење во службата”