Кошарка
15. July 2017 - 17:51

КК Карпош С. револтирани откако добија покана да играат во Втората лига на АБА

Ланскиот претставник во АБА лигата Карпош Соколи и покрај добрите игри денеска доби покана од регионалната лига да настапува и оваа сезона но во втората јадранска лига по квалитет. Ова предизвика револт кај македонскиот претставник кој беше изразен преку соопштение на веб страницата на клубот од Карпош каде што е пренесена реакцијата на претседателот на клубот Огнен Дедиќ:
 
„Измамени сме од АБА, тоа е вистината. Криминалците што ја водат лигата мислеа дека нашле 'овца за шишање' на која ќе ѝ земат 150.000 евра колку што плативме за вајлд-картата и одма ќе ја испаднат. Ама ги изненадивме со добрите партии и победи и мораа да почнат со валканите игри и со опструкции со судиите. Парите редовно ги плаќавме на рати и дека не ги исплативме целосно константно нѐ лажеа, ни велеа дека ако бидеме шампиони сигурно ќе играме, па само да не испаднеме инаку сме сигурни и за следната сезона. Сега гледам дека тоа биле лаги на измамници и криминалци чија главна цел била само да ни ги земат парите и да нѐ шутнат. На крајот дури се дрзнаа пред самата 'мајсторка' за титула со МЗТ Скопје официјално да објават дека и да станеме прваци нема да играме во АБА-лигата, што ни покажува дека сме биле жртви на мајстори за лажење, кои имаат ѓон наместо образ и кои немаат никаква чест и кредибилитет. Најголем шлајм од човек во тоа друштво е директорот Крешимир Новосел, кој е најголем полтрон и безрбетник и кој не смее ништо да направи без да се консултира со моќниците. Истото се однесува и за спортскиот директор Жарко Чабаркапа. Двајцата се седнати во скут на тие што ги командуваат како играчки на далечинско управување, првиот кај Младен Вебер од Цедевита, а вториот кај Небојша Човиќ", 
 
„Ние на секој натпревар во АБА-лигата имавме пристрасно судење во наша штета и тоа во однос 80-20 за противникот. Сигурно пет натпревари буквално ни беа украдени од судиите, кои добиваа директиви од безрбетниците. Со нив сигурно ќе игравме во плејофот, што дефинитивно ќе беше шлаканица за двоецот полтрони, кој тоа не смееше да го дозволи. Во финишот дури почнавме однапред да ги погодуваме резултатите на одредени средби пред тие воопшто да почнат, што доволно говори за чесноста на ова натпреварување. Со квалитетот на последните две места требаше да бидат ФМП и Унион Олимпија, но јасно беше дека канализацискиот шлајм нема да дозволи овие два тима да испаднат, па тоа мораше да биде Крка. Со оглед на слабиот интерес за АБА во Словенија, Човиќ и полтроните вештачки ја одржуваат Олимпија за лигата да не го изгуби кредибилитетот како натпреварување на просторот на поранешна СФРЈ. Сите знаат дека постои банда која ја води лигата, во неа се ФМП, Црвена Звезда, Будуќност, Цедевита и Олимпија, а исто така речиси сите судии се врзани и (не)правдата ја делат како што ќе им се каже. Јас уште во текот на сезоната ја прочитав приказната дека еден е главен, Човиќ, а сите останати се полтрони, што се покажа како точно се неговиот неодамнешен избор за претседател. Па, дали е нормално на таа функција да биде човек што е газда на два клуба кои играат во натпреварувањето и кој нема исплатено дури осум плати на кошаркарите на Црвена звезда. Но, тоа секако е можно во вакво шлајм-друштво на полтрони и безрбетници", дополнува Дедиќ.
На крајот, претседателот на „соколите" е изненаден од храброста која ја покажуваат послушниците Новосел и Чабаркапа за испраќање покана за настап во второлигашко друштво на екипа која со својот квалитет покажа дека е подобра од половина екипи од лигата.
 
„Карпош Соколи е тим кој има достоинство и кој не паѓа пред провокации на канализациски шлајм. Ние не сме селски тим што игра во било која Втора лига. Не ми е јасно како не им е срам на безрбетниците и на полтроните што имаат ѓон наместо образ да нѐ канат да играме во ова нивно третокласно натпреварување кое сум убеден нема никаква иднина. Од каде им е доблест воопшто да ни се обратат да играме во некоја друга лига освен во таа каде што резултатот обезбедивме место. Нашиот квалитет, како играчки така и организациски не е спорен и тој се докажа и со поканата да играме во Лигата на шампионите на ФИБА. Тоа е натпреварување кое држи до стандарди и во кое нема локални шерифи на шлајм, какви што има во АБА-лигата. Загубата е нивна. Тие толку вредат и заслужуваат да продолжат да живеат во канализација. А ние ќе си продолжиме нашата приказна без нив, далеку од нивната смрдеа и нечесност", завршува Огнен Дедиќ.