Свет
23. December 2016 - 10:45

Ќерката на Садам Хусеин вели дека Трамп е поинаков

Рагад Хусеин, најстарата ќерка на поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин, ги обвини САД за хаосот во Ирак, но изрази надеж дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе води поинаква политика од своите претходници, бидејќи има „високо ниво на политички сензибилитет“.

- Она што е очигледно е дека тој има високо ниво на политички сензибилитет, што е значително поинаков од оние на неговите претходници. Тој укажа на грешките на другите, посебно кога е во прашање Ирак, што значи дека е многу свесен за грешките направени во Ирак и она што му се случи на мојот татко, изјави таа за Си-Ен-Ен.

Трамп, за време на предизборната кампања, рече дека се противи на војната во Ирак, но јавно ја поддржа инвазијата во интервјуата дадени пред и после војната.

Иако зборуваше дека Садам Хусеин бил „лош момче“, тој ги пофали неговите „ефикасни убиства“ на терористи.

Во првото интервју од смртта на својот татко пред 10 години, Рагад вели дека никогаш не ја видела снимката од неговото убиство и оти одбива да ја гледа.

- Деталите од неговата смрт се грди и болни, но тоа е чесна смрт, оцени таа во телефонскиот разговор за Си-Ен-Ен од Аман, каде најде засолниште после ирачката инвазија во 2003 година.

Садам Хусеин, кој владееше со Ирак од 1979 година до моментот кога беше симнат од власт и кога го зароби коалицијата предводена од САД во 2003 година, беше обесен во декември 2006 година.

На обвиненијата на ирачката Влада дека ја поддржува, сега незаконската, партија на својот татко - Арапската социјалистичка партија Баас, чија идеологија се заснова на арапски национализам и арапски социјализам, ќерката на поранешниот ирачки лидер вели дека таа не се занимава со политика и не поддржува ниту една група или партија на терен.

Остро ги негира и обвиненијата на Багдад дека ја поддржува Исламска држава и дека „навива“ нејзините припадници да го задржат Мосул.

- Секако дека немам никакви врски со таа група или каква било друга екстремистичка група. Идеологијата на нашето семејство нема никакви сличности со екстремистичките групи. Доказ за тоа е што тие групи станаа моќни во Ирак откако ја напуштивме земјата и откако заврши нашето владеење, потенцира Рагад.

Таа го пофали својот татко поради стабилноста која ја одржувал во Ирак. Рагад инсистира дека Исламска држава и слични други групи не би можеле да влезат во Ирак тој да е жив.

Својот татко го опишува како „херој, храбра личност, националист и симбол и милиони луѓе“.

- Беше борец и знаеше дека неговиот крај нема да биде лесен, рече Рагад и тврди дека повеќето од работите кои медиумите го тврдат за него се измислени.

- Да, имаше бруталност, понекогаш многу, а јас не можам да поддржам бруталност. Но Ирак е земја со која тешко се владее и дури сега луѓето го сфаќаат тоа, порача Рагад Хусеин.