Живот
29. September 2015 - 10:04

Ќерката на Пол Вокер го тужи Порше

Ќерката на починатиот актер Пол Вокер поднесе тужба против компанијата Порше тврдејќи дека автомобилот во кој нејзиниот татко починал имал голем број дизајнерски пропусти.  

Мидоу Рајан Вокер (16) ја тужи компанијата за неспецифицирана штета, со аргуменит дека Порше Carrera GT има дефект поради кој нејзиниот татко останал заробен во возилото по сударот.

Во тужбата се наведува дека на автомобилот му недостасувал правилен систем за стабилно управување, како и мерки за заштита на патници и спречување да бидат зафатени од пожар после судар. Порталот ТМЗ тврди дека имал увид во документите и оти возилото имало историја на нестабилности и проблеми со управувањето. Во тужбата се наведува дека актерот останал заробен затоа што безбедносниот ремен го „повлекол торзото на Вокер наназад со сила од илјадници килограми, при што му ги скршил ребрата и карлицата“, што значи дека не можел да побегне од пожарот.

Порше не го коментираше овој случај. 

Пол Вокер почина во сообраќајна несреќа во ноември 2013 година во Калифорнија. Имаше 40 години. Автомобилот го возеше неговиот пријател Роџер Родас, кој исто така почина. Несреќата се случи кога Вокер бил на пауза на снимањето на филмот Fast&Furious 7.