Македонија
16. January 2020 - 16:30

Ќе успеат ли власта и опозицијата да постигнат договор за законот за Јавно обвинителство?

Вчерашните пораки на еврокомесарот Вархеји повторно го актуелизираа прашањето: може ли овој собраниски состав да го донесе Законот за јавно обнинителство. Преговорите помеѓу работните групи на власта и опозицијата мируваат повеќе од 4 месеци, додека пораките од меѓународната заедница се се почести дека ова законско решение е клучно за добивање датум за старт на преговорите со Европската унија.

Ден по средбата со Вархеји, вицепремиерот за европски прашања апелира политичките партии да најдат заедничко решение бијдеќи вели дека покрај заслуги за досега сработеното, во моментов кај нив е и одговорноста за европската иднина на земјава.

Слични апели испрати и спикерот Џафери. Вели дека време за донесување на ова законско решение заглавено во собраниските процедури има, но дека нема да биде ставено на собраниска седница се додоека политичките партии не постигнат решение.

Од ВМРО-ДПМНЕ како најповикана партија велат дека се подготвени за конструктивни разговори, но во оној момент кога Законот за јавно обвинителство ќе биде приоритет за власта.  

Еврокомесарот за проширување вчера јавно побара земјава во следниве недели да го донесе Законот за јавно обвинителство и да испрати позитивна порака пред Европската комисија да почне да го изготвува вонредниот извештај за напредокот на Македонија во февруари. Од она што ќе го содржи овој извештај ќе зависи и дали земјава ќе успее да ги стартува пристапните преговори оваа пролет.