Македонија
15. August 2019 - 16:19

Ќе тргнат сите првачиња во школо на 1 септември или ќе се бара вакцинален картон?

На 15-тина дена до стартот на учебната година не се знае што ќе биде со невакцинираните првачиња. Дали ќе останат дома или ќе тргнат на училиште па при теренска вакцинација ќе ги примаат задолжителните вакцини од министерството за образование не добивме одговор.

Ресорното министерство нема ниту статистика на колку деца од мај досега им биле примени документите, но не биле запишани бидејќи немале уреден вакцинален картон.

 По неколку месечни препукувања меѓу здравство и образование пролетта Владата на седница одлучи во септември во училишните клупи да седнат само децата кои ги примиле сите вакцини, но од друга страна и основното образование остана задолжително. Казните за двата прекршоци се 1500 евра. И Филипче и Адеми си ги бранеа законите секој за својот ресор.

-Нема да отстапиме да се примаат само вакцинирани деца, изјави на 11 мај министерот за здравство д-р Венко Филипче.

-Се предвидени казни и кога детето не следи образовен систем и не е дел од основното образование, изјави на 15 мај министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Целата прашина се дигна по прогласувањето на епидемијата на морбили. Иако имаше масовна вакцинација, сепак во државата уште има околу 8.600 деца до 14 години кои не примиле МРП.

Во земјава досега регистрирани се близу 1900 заболени од мали сипаници, а 4 деца починаа.