Бизнис
21. јуни 2022 - 16:33

Ќе следат намалени маржи на дополнителни производи, Бектеши тврди дека сите заработуваат на грбот на граѓаните

Владината мерка за намалување на маржите не го даде посакуваниот ефект. Министерот за економија разочаран – очекувал падот на цените на основните прехранбени производи да биде поголем. Контролите на терен утврдиле дека заработките и кај производителите и кај дистрибутерите и кај трговците се уште се високи. Во време на криза, простор за поголемо намалување на цените, барем кај основните, смета дека има.  Од наредната недела пак, листата производи со намалени маржи, ќе биде проширена.

- Во моментов сите заработуваат многу. Од извештаите што ги добивам од ДПИ има одредено намалување, но дали сум задоволен, да бидат искрен, не. Има простор за поголемо, а образложението кај трговците е дека имале стари залихи, па за некој ден ќе ги издавеле новите производи, со намалени цени. Да почекаме, 4,5 дена, ќе видиме. Ако не се намалат, ќе се манува начинот како се прави трговија во нашата држава и ќе се намалат дополително маржите, наредниот вторник, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Граѓаните ќе можат да ги пријавуваат трговците кои се уште ги држат високи цените и покрај намалените маржи. Со усвоениот Закон за заштита на потрошувачите, сите граѓани кои ќе бидат изманипулуирани, со лажни попусти или нереални цени, или пак се агресивна промоција, ќе имаат право на надомест, додека трговците покрај парична казна од 500 до 10,000 евра, можат да заработат и забрана за вршење на дејност до 2 години, но и забрана за вршење на професијата.

- Во делот на санкциите, предвидена е и привремена забрана за работа од три месеци до две години, за среден и голем трговец, и 20 дена за микро и мал трговец. Одговорните лица, ќе добијат забрана за вршење дејност од 3 месеци до 1 година, посочи Бектеши.

Во постоечкиот Закон за заштита на потрошувачи не се предвудуваат забрани за вршење дејност или професија. Постоеа парични казни, кои бие пониски од предложените.