Бизнис
8. October 2021 - 16:37

Ќе се спаси ли бизнисот од поскапа струја - средба на компаниите со одговорните во енергетскиот сектор

Ноември ќе биде тежок месец за бизнис секторот. Додека не стигне интервентниот јаглен со кој треба да проработат третиот блок во РЕК Битола и Осломеј, цената на струјата за бизнисите ќе остане висока. Според очекувањата на ЕСМ, овој јаглен ќе почне да се користи за производство дури во декември.

- Во текот на ноември треба да прочне првата испорака на количина, а планот за почеток на производство на дополнителна електрична енергија е да почне во Декември и потоа јануари, февруари, март и до средината на април следната година кога и званично завршува грејната сезона. Овие дополнителни количини на електрична енергија ќе ги понудиме до стопанските субјекти по берзански цени или околу цената на берзата со тоа да постигнеме пониски цени за стопанските субјекти, меѓутоа, притоа и нашата компанија да оствари дополнителен приход, вели првиот човек на ЕСМ.

Осум добавувачи на електрична енергија не ги почитувалеправилата на игра. За таа цел ќе се формира Гарантен фонд. Меѓутоа, тој треба да биде вметнат во Законот за енергетика и засега не се знае кога точно ќе влезе во функција.

- Апсолутно ја поддржуваме идејата која произлезе од овој состанок за заострување на критериумите за издавање лиценци на компаниите за снабдување со електрична енергија. Исто така ќе разработиме, во соработка со соодветното Министерство, бидејќи за тоа треба промена на Законот за енергетика, да се воведе тој т.н. Гарантен фонд со цел, во вакви кризни, во исклучителни ситуации, штетите кои ги претрпуваат потрошувачите од своите добавувачи да бидат покриени од тој Гарантен Фонд, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.

Според бизнисот, барем во наредниот период крајните цени на производите нема да скокнат поради високата цена на струјата. За нив непосакувана е интервентната мерка која веќе ја најавија од Владата за замрзнување на цените.

- Факт е дека одредени импути не се качени само заради цената на енергијата, туку и поради намаленото производство и традиционалните пазари од кои ние купуваме. Да кажам, житото ние традиционално го купуваме од Србија и Украина и тие два пазара сега моментално имаат покачена цена за 40 отсто. Се надеваме дека Владата нема да прибегне кон нејзиното право да лимитира цени. Тоа нешто што не смееме да си го дозволиме како пазар заради тоа што тоа секогаш упатува на црн пазар, шверц и проблематични позиции, вели Антони Пешев од Стопанската комора.

Цената на струјата во моментот е многу висока во Европа поради преорентирањето на Европската унија кон зелената агенда и затворањето на термоелектраните. Од Бизнис секторот велат добро во целата ситуација е што тоа се чувствува само на Стариот континет и нема зголемување на цените на останатите енергенси.