Македонија
18. December 2015 - 14:57

Ќе се реновираат 60 дуќани во Скопската чаршија

 Дваесет занаетчии од Старата скопска чаршија денеска добија по 2.000 евра неповратна помош за подобрување на имиџот на нивните дуќани. Грантовите се дел од ИПА проектот за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово што го реализираат општините Чаир и Гњилане.

По доделувањето на грантовите, министерот за економија Беким Незири и претседателот на Здружението „Еснаф“ Бејтула Морина потпишаа Меморандум за соработка кој предвидува реновирање на излозите на 60 дуќани во Чаршијата. Првата фаза од проектот е 450.000 евра, а средствата ги обезбеди Министерството за економија.

- Разубавувањето на дуќаните преку реновирање на фасадите и излозите, ќе го поттикне развојот на економијата и ќе ја направи Чаршијата поатрактивна за туристите, рече Незири и додаде дека функциите се минливи, но делата и реализираните проекти остануваат. 

Нагласувајќи дека ова е прпват занаетчиите да добијат каква било конкретна помош, претседателот на „Еснаф“ Морина апелира средствата да не се злоупотребат, туку да се реализираат во координација со еснафот.

Претставникот на Европската комисија во земјава Мартин Клаук подвлече дека занаетчиството во Македонија е традиција, но современото живеење кое значително ги смени навиките на потрошувачите, речиси го доведе до работ на егзистенција. - Овој сектор може многу да придонесе за решавање на проблемот со невработеноста, посочи Клаук.

Според градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити, реновирањето на дуќаните нема да значи само подобрување на нивниот надворешен изглед. Тие ќе бидат и енергетски ефикасни, согласно светските трендови и стандарди. - Не е идејата проектот само да се почне, туку целосно да се реализира, истакна Меџити.

Во рамки на ИПА проектот „Валоризација на традиционалните занаети и на потенцијалите на социјалните економии во општините Чаир и Гњилане“ вреден 550.000 евра, занаетчиите кои добија грантови претходно поминаа обуки за принципите на брендирање. За време на реализацијата на проекот, вкупно 18 месеци, се идентификуваа и старите занаети и се изготви база на податоци, а во Старата чаршија се гради Инфо центар за занаетчиите/дуќаните. Како што најави Меџити, ќе се постават и два мултимедијални киоска за информации на посетителите на повеќе јазици. Инфо центарот треба да биде готов за две недели.