Македонија
7. November 2016 - 15:01

Ќе се реконструира градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе

Градинката „Мајски цвет“ во Општина Карпош, која е формирана и изградена во далечната 1964 година и оттогаш не претрпела сериозен реконструирачки зафат, ќе се реконструира со долгорочен кредитен заем.

Оваа одлука советниците од општина Карпош на денешната педесет и осма седница на Советот,ја изгласаа, одобрувајќи средства за овој капитален објект.

Предлог-одлуката за намера за реализација на проекти по пат на долгорочно задолжување на општина Карпош во рамки на вториот проект за подобрување на општинските услуги  (МСИП 2), е предлог за  долгорочно задолжување со поволна кредитна каматна стапка за реконструкција на градинката „Мајски  Цвет“ во населбата Тафталиџе 1.

Со предвидениот финансиски заем, како што информираа од општината, предвидено е да се реконструира површина од 1200 м квадратни,  и со тоа 140 најмлади жители на локалната самоуправа да можат да учат и да се воспитуваат во современ објект. Советниците без расправа ја усвоија втората точка од дневниот ред со која е предвидена Одлука за измена на распоред на средства во Буџетот на Општина Карпош за 2016 година.