Бизнис
9. April 2018 - 19:43

Ќе се развива алтернативниот туризам на моноспитовското блато со грант од ЕУ

Со околу 4 милиони денари ќе се подобруваат условите за развој на алтернативниот туризам во Моноспитивското Блато, последното мочуриште во Македонија. Средствата се обезбедени преку првиот повик на ИПА  програмата на Европската унија.  Целта на проектот  е да се унапредат условите за развој на алтернативниот туризам во  самото блато кое претставува засолниште на ретки видови флора и фауна.   Реализацијата на овој проект кој ќе трае една година  практично ќе значи надградување на сето тоа што беше реализирано пред десетина години на  самиот локалитет преку  пограничниот проект со соседна Бигарија.

,, Предвидени се повеќе проектни активности , замена на пешачки патеки во должина од еден километар, реконструкција на осматрачниците во висина од шест метри, потоа реконструкција на куќички за засолнување, шест броја, поставување на нов систем за загревање во просториите и изградба на паркинг простор во објектот за алтернативен туризам и поставување на информациони табли.  Со реализација на овој проект се надевам дека ќе се врати повторно животот во Моноспитовско блато. ,, вели  Зоран Зимбаков , градоначалникот на Босилево 

Моноспитовското балто кое важи за последното мочуриште во Македонија некогаш било распространето на површина од 5000 хектари. Денеска овој локалитет кој многумина го нарекуваат и природен музеј на отворено има површина од 400 хактари. Во него егзистираат ретки видови на растителен и животински свет. Еден од најпознатите реликтни видови е папратот Осмунда регалис или кралската папрат кој го има единствено тука. Во блатото се регистрирани 112 видови птици,  11 видови водоземци и 16 влекачи.