Бизнис
17. August 2018 - 16:31

Ќе се повтори јавниот повик за избор на нискобуџетна авиокомпанија

Брзо решавање на проблемот со нискобуџетните авиопревозници со цел да не се одрази на континуираниот раст на туризмот во земјава. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија велат дека ефектот на евтините летови не само кај нас, туку и во светот, е многу голем.

“Во овој момент на одредени дестинации нема да има некоја осетна разлика, но се надевам дека во периодот што доаѓа ќе се надмине овој мал проблем и очекувам во Македонија да летаат не еден, туку повеќе нискобуџетни компании дополнително”, вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија.

Со оглед на тоа што туристите од Турција се најбројни, од Агенцијата велат дека работат на зголемување на понудата од Македонија во рамки на кружните балкански тури. Статистиката за посетителите од Турција бележи континуиран раст, иако таа држава периодов се соочува со финансиска криза поради големиот пад на вредноста на националната валута.

“Не очекувам дека моменталната економска криза во Турција дирекно ќе влијае врз македонскиот туристички сектор и Македонија како туристичка дестинација”, смета Јаневски.

Во првата половина годинава Македонија ја посетиле околу 433.000 туристи, што е зголемување од 16,4% споредено со истиот период лани. До крајот на годинава се очекува бројот на туристи да достигне 1,2 милиони, за разлика од минатата година кога беа угостени без малку еден милион туристи. Според проекциите од Агенцијата, девизниот прилив од туризам годинава би достигнал 24 милијарди денари.