Македонија
17. November 2015 - 13:57

Ќе се опорави: Детето од Хиподром оперирано и вон животна опасност

Состојбата на шестгодишното дете кое вчера мајката го фрли од четврти кат во населбата Хиподром при што тоа се здоби со повреди на главата, е во стабилна здравствена состојба и не е во животна опасност. 

Ова денеска го изјави директорот на Клиниката за неврохирургија, Александар Чапароски, кој рече дека на детето му била извршена интервенција поради крварење, сега е будно, контактибилно и малку поспано, меѓутоа во добра состојба е. Детето сега е на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).

- Операција мораше да направи заради појава на крварење меѓу коската и овојниците на мозокот. Вчера кога е примено на иницијалниот скен немаше знаци за крварење, а попладне се појави ова крварење и мораше да се реши хирушки. Операцијата помина добро без проблеми. Детето е во стабилна состојба, да се надеваме дека ќе продолжи така и натаму, рече Чапароски.

Посочи дека нема знаци за повреди на други органи и системи. 

- Крварењето е последица од ударот при падот. Се надеваме дека ќе биде добро закрепнувањето. На двата контролни компјутера нема знаци за оштетување на мозочното ткиво, додаде Чапароски. 

Мајката на детето, која откако го фрли детето од терасата на станот на во кој живееле, скокна од четвртиот кат и се здоби со повреди, по што беше хоспитализирана, е на КАРИЛ и е во свесна состојба, контактибилна е и веќе не е приклучена на апарати за дишење.