Македонија
17. November 2020 - 19:53

Ќе се набават дополнителни количества брзи антигени тестови за КОВИД-19

Владата на денешната 21 седница го задолжи Министерството за здравство да спроведе постапка за јавна набавка на брзи антигени тестови за потребите на јавните здравствени установи.

Како што соопшти владината Прес-служба набавкате ќе се спроведува со постапка на преговарање без објавување оглас согласно членот 55 став (1) точка 6) од Законот за јавните набавки, според кој оваа постапка може да се спроведе „доколку поради крајна итност, предизвикана како резултат на настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди, роковите за другите постапки не може да се применат“.

– Со цел обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус КОВИД-19 Владата донесе заклучок да се достави барање до Министерството за одбрана да дозволи дополнително распоредување на медицински лица од редовите на ова Министерство за потребите на јавните здравствени установи во државата, се наведува во соопштението.

Врз основа на препораката на Комисијата за заразни болести, на денешната седница на Владата се усвоени и измените и дополнувањата на Протокол за превенција од инфекција и контрола за безбедно управување со телата на починати лица од КОВИД-19.

На седницате е утврден и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, со цел да продолжат да важат одлуките донесени со Уредби со законска сила, како и заради формирање на Национална Комисија за имунизација.

– Националната комисија за имунизација ќе ја предлага Програмата за имунизација што ја донесува Владата на Република Македонија, со план и активности за координација на работата на сите субјекти вклучени во дистрибуција на вакцини и спроведување на имунизацијата. Националната комисија за имунизација ќе ја следи вкупната состојба со имунизацијатa, нејзиниот опфат, квалитетот на вакцините и несаканите реакции од вакцините, ќе врши запознавање на здравствените работници и јавноста за потребата и предностите на имунизацијата, и ќе ја следи регулативата во областа на имунизацијата и нејзината имплементација, како и препораките на Светската здравствена организација, се додава во соопштението од владината седница.

Покрај ова, Владата го утврди и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување со кој се продолжува примената, препишување и издавање на рецепти во електронска форма и по истекот на 31 декември 2020 година, и се уредуваат и други прашања од правата на граѓаните на здравствена заштита.

– На предлог на Министерството за здравство денеска е утврден и текстот Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, со кој се уредува постапувањето со радиоактивен и нуклеарен материјал, безбедното управување со радиоактивен отпад и искористени затворени радиоактивни извори, и со кој се назначува Институтот за јавно здравје како оператор на склад за радиоактивен отпад.