Бизнис
9. November 2017 - 16:32

Ќе се менува и данокот на добивка - Владата разгледува модалитети

Владата размислува за измени во оданочувањето на профитите на фирмите. Сега компаниите  наоѓаат начини како да ја намалат даночната основица и плаќаат пониски даноци.
 
Поради ова е неопходна реформа, информираат од финансии. Измените најверојатно ќе стартуваат од 2019 заедно со воведувањето на прогресивниот данок на доход.  .
 
- Во програмата на Владата тоа не е ставено, но дефинитивно се размислува за промени и кај данокот на добивка. Не само што се размислува, туку имаме и препораки од меѓународни организации, и од стопански комори, што е можеби зачудувачки - изјави Јовановиќ одговорајќи на новинарски прашања на „Конференцијата за „Мониторирање на јавните финансии во Република Македонија“ организирана од организацијата „Аналитика“. Компаниите, појасни, имаат можност да книжат услуги помеѓу поврзани субјекти по т.н. трансферни цени и на тој начин ја намалуваат даночната основица. Така што тоа е едно горливо прашање и мора да се адресира. Имавме и мисија со ММФ во врска со ова прашање и оваа промена мора да се направи ургентно
 
Од невладините организации од областа на финансиите пак сметаат дека фирмите со поголема добивка треба да плаќаат повисоки даноци. Како пример беа посочени банките кои од година во година рушат рекорди во остварени приходи.
 
- Итно се потребни реформи да се напушти ерата на даночни раеви, што уште повеќе ја подгреваат кризата на нееднаквост и значат одлевање средства особено од сиромашните држави. Да се напушти моделот на рамни даноци и огромни даночни ослободувања и веднаш да се спроведе даночната реформа, со акцент на прогресивно оданочување. И тоа кај добивката, изјави Христовска.
 
Секаде во светот, како и на Балканот, постојат фрапантни податоци дека најголемите компании не само што не ги плаќаат законските даночни стапки, туку дури добиваат поврат од државата. Пример за тоа е Унгарија, каде доколку даночната стапка на добивка е девет проценти, најголемите 10 компании плаќаат само 0,5 проценти. Дајте еднаш засекогаш да прекинеме со овие практики, рече таа.
 
Според Христовска со даночните реформи потребни се и измени во социјалната политика. Граѓаните треба да знаат зошто плаќаат даноци и за што се трошат нивните пари, субвенциите да имаат развоен а не социјален карактер како и  да се воведе минимален гарантиран доход за најранливите категории граѓани.