Македонија
6. December 2021 - 16:37

Ќе се јакне капацитетот на Јавното обвинителство со 71 вработување

За 15 отсто ќе се зголемат платите во Јавното обвинителство од следната година. Планирано е и да се вработат вкупно 71 стручно јавно обвинителски службеник, а предвидени се и 17 унапредувања.

Вицепремиерот Николовски кој го презентираше Планот за борба против корупцијата за 2022 вели овие вработувања се неопходни за нормално функционирање на Обвинителството. Дополнително и буџетот на институцијата ќе се зголеми за нешт над 20 отсто.

За следната година планирано е и со 20 милиони евра да се дигитализираат државните институции. Николовски вели дека со дигитализацијата, чиј рок на имплементација е до 1 јули, сите институции ќе се поврзат една со друга.

-Институциите ќе ги разменуваат сите информации, документи, дописи по електронски и дигитален пат. Тоа значи дека не можат да се кријат предмети, или да се чуваат во фиока на институциите кои имаат истражни дејствија и за кои има постапки. Нема да чекаат со месеци допис од друга институција се со цел да се забрзаат постапките, појаснува Николовски.

Според планот на вицепремиерот за следната година, во првата половина од годината ќе се направи Регистар на цени за јавни набавки за да се избегне „пумпање“ на цените кои ги плаќаат институиите.

Се уште е во рана фаза, но планирано е воверување на концептот на „Мистериозен купувач“. Односно, граѓани ќе добијат задача да побараат услуга од јавните институции за потоа да ја оценат нивната работа.

Освен тоа, ќе се воведе и унифицирана постапка за набавка на службени возила за да нема градоначалници кои ќе возат автомобили од по 40.000 евра.